Веднаш откога ќе се појави во земјава Никола Груевски ќе биде упатен на издржување на затворската казна, рече денес премиерот Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарски прашања по свеченоста по повод 34 години Царинска у, премиерот Мицкоски рече дека нема никакви очекувања за Никола Груевски по смената на власта во Унгарија.
„Јас немам никакви очекувања, но доколку Никола Груевски се појави во Македонија, тој има правосилна пресуда и тој веднаш откога ќе се појави во Македонија, нормално, органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на издржување на затворска казна која што е согласно правосилна одлука. Ние сме Влада за која што сите закони важат и Влада која мора да ги почитува законите и институциите во државата, а нормално секое лице има право да ги користи институциите, да ги користи своите права, да поднесува жалби и така натаму. Ние како Влада имаме пред нас правосилна пресуда со која што лицето за кое вие говорите сега е упатено на отслужување на затворска казна. Дали ќе се врати и кога ќе се врати јас немам такви очекувања“, рече премиерот Мицкоски.
Тој ја искористи можноста и преку медиумите му ја честиташе победата на Петар Маѓар. Нагласи дека со досегашниот премиер соработката беше „исклучително блиска и непосредна“, а поддршка очекува и од новиот премиер.
„Политиките кои тој ќе ги води очекувам да бидат проевропски, проинтегративни и очекувам бескомпромисна поддршка за интеграцијата на регионот, вклучително и нашата држава во рамките на Европската Унија. Специфичните политики вклучително и прашањето со поранешниот претседател на Владата Никола Груевски се одлука на унгарската Влада така што јас не би имал што да кажам. Екстрадиција е побарана уште во 2018 година, а е одбиена во 2019 година од страна на унгарските власти. Од она со кое сум запознаен постои процедура доколку лицето има право на азил поради определени причини и мислам за повеќе детали да се обратите до Министерството за правда. Јас не сум министер за правда, јас сум претседател на Влада“, рече денес премиерот Мицкоски.
Мандатарот за состав на новата Влада во Унгарија, Маѓар, кажа дека нема да обезбедува засолниште на лица кои се барани од правосудните органи во други држави, а опозициската СДСМ веќе побара од власта да поднесе ново барање за екстрадиција на Груевски.
Текстот (Видео) Мицкоски нема никакви очекувања за Груевски, но ако се врати веднаш ќе оди во затвор е превземен од МАКФАКС.





