Гувернерот Славески на Пролетните средби во Вашингтон: Гувернерите на централните банки и министрите за финансии ќе разговараат за стабилноста на светската економија

Гувернерот Славески на Пролетните средби во Вашингтон: Гувернерите на централните банки и министрите за финансии ќе разговараат за стабилноста на светската економија

пред 4 часа

Гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ја предводат делегацијата од нашата земја којашто учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Како дел од делегацијата на Народната банка, на овие средби, ќе земат учество и вицегувернерите Ана Митреска и Фадил Бајрами.

Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски организации и институции.

За време на средбите, делегацијата ќе одржи состаноци со заменикот на генералниот директор на ММФ Бо Ли, директорот на ММФ за Европа Алфред Камер, извршниот директор Жероен Клик и заменик извршниот директор Марникс ван Рај. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе се разговара за тековните економски состојби во земјава, за спроведувањето на монетарната политика и мерките коишто придонесуваат за постепена стабилизација на инфлацијата, како и за одржувањето на макроекономската стабилност.

Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерот, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната соработка. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата, каде што ќе се разговара за предизвиците со кои се соочуваат членките во контекст на тековните светски финансиски и геополитички движења, како и на тркалезната маса за спроведувањето на клонот на системот за инстант плаќање ТИПС (TIPS), развиен со поддршка на Европската централна банка.

Предвидени се средби и со претставници на Светската банка, заменик-претседателката на Светската банка Антонела Басани и регионалната директорка за Западен Балкан при Светската банка Шјиаочјинг Ју.

Пролетните средби претставуваат еден од најзначајните светски економски форуми, на кој секоја година, на едно место, се собираат носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки. Тие, годинава, ќе разговараат за влијанието на геополитичките случувања врз економијата, економската стабилност и економскиот раст, инфлацијата и монетарните политики, како и за дигитализацијата на финансискиот сектор.

Текстот Гувернерот Славески на Пролетните средби во Вашингтон: Гувернерите на централните банки и министрите за финансии ќе разговараат за стабилноста на светската економија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top