Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска во Стејт департментот оствари работна средба со заменик помошник-државниот секретар задолжен за Европа, Даниел Џ. Лоутон.
На средбата биле разгледани понатамошните активности во рамки на Стратешкиот дијалог помеѓу Македонија и САД, со посебен фокус на унапредување на финансиската соработка и продлабочување на партнерството меѓу двете земји.
Двете страни ја реафирмирале заедничката заложба за зајакнување на институционалните капацитети, поддршка на реформските процеси и унапредување на економската соработка.
Од Министерството за финансии порачуваат дека партнерството со САД претставува значаен двигател за политики кои обезбедуваат стабилни јавни финансии, одржлив економски раст и подобрување на деловното окружување.






