Заврши воведниот сегмент во НБА плејинот. Филаделфија Севентисиксерс обезбедија место во плејофот, додека Голден Стејт Вориорс се во финалето на плејинот, благодарение на победите забележени изминатата ноќ.
Филаделфија ги победи Орландо Меџик со 109:97 (28:24, 31:31, 20:19, 30:23), со што обезбеди учество во плејоф серијата против Бостон Селтикс, вториот најуспешен тим во Источната конференција, во регуларниот дел од сезоната.
Филаделфија, која остана без Џоел Ембид, ја предводеше Тајрис Мекси со 31 поен, два скока и шест асистенции.
Ви-Џеј Еџкомб имаше по 19 поени, на кои придодаде 11 скока, како и Кели Убре, кој шутираше 5/10 за три поени. Искусниот Пол Џорџ постигна 16 поени со пет скока и асистенции и две украдени топки, додека Андре Драмонд додаде 14 поени и 10 скока.
На Орландо не му помогнаа 34-те поени на Дезмонд Бејн, кој шутираше 6/10 за три поени и забележа по три скока и асистенции.
Франшизата од Флорида ќе има втора шанса во судирот против Шарлот Хорнетс, на кои ќе им биде домаќин во ноќта од четврток кон петок од 13:30 часот.
На Западот, ЛА Клиперс загубија од Голден Стејт со 121:126 (31:22, 30:31, 28:30, 32:43) во „Интуит Доум“ во Лос Анџелес.
Лицето на франшизата од Сан Франциско, Стеф Кари, е најзаслужен за одржувањето на надежта за плејофот. Кари постигна 35 поени, погоди седум тројки.
Седмата тројка на Кари на 50 секунди до крајот на натпреварот беше клучна за да се направи разликата против домашната екипа, а импресивен придонес во последната четвртина даде Ал Хорфорд.
40-годишникот постигна 14 поени и имаше три скока.
За место во плејофот Голден Стејт Вориорс ќе се борат со Феникс Санс.






