Со над 2 милионa денари, обезбедени преку унгарската кредитна линија, следната недела започнуваат конзерваторско-реставраторските зафати на ѕидното сликарство во црквата „Св. Константин и Елена“ во село Мокрино, Општина Ново Село, најави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при денешната посета на сакралниот објект, заедно со директорот на Заводот и музеј – Струмица, Бранко Ѓоргиев, и градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорги Божинов.
Љутков истакна дека со овој проект се прави конкретен исчекор во заштитата на културното наследство.
Црквата „Св. Константин и Елена“, изградена во 1870 година, претставува едно од најзначајните културни и духовни обележја во Струмичкиот Регион.
Носител на активностите е Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица, во соработка со стручни лица од Националниот конзерваторски центар од Скопје.
„Овој проект претставува значаен чекор во зачувувањето и афирмацијата на културното наследство на Општина Ново Село. Министерството и во иднина ќе продолжи со континуирани вложувања во заштитата и зачувувањето на нашето вредно културно наследство за идните генерации“, велат од Министерството.
Текстот Започнуваат конзерваторско-реставраторските зафати во црквата „Св. Константин и Елена“ во Мокрино е превземен од МАКФАКС.




