Себаљос се скарал со Арбелоа, решил да си оди од Реал

Себаљос се скарал со Арбелоа, решил да си оди од Реал

пред 4 часа

Играчот од средниот ред на Реал Мадрид, Дани Себаљос, го напушта клубот по жестоката расправија со тренерот Алваро Арбелоа. Според достапните информации, нивниот однос е толку нарушен што понатамошната соработка станала невозможна, а Себаљос практично се збогувал со своите соиграчи.

Работите меѓу тренерот и фудбалерот кулминирале по средбата во тренинг кампот на Валдебебас минатиот четврток, иницирана од самиот Себаљос. Откако разговарал со Арбелоа, играчот од средниот ред се вратил кај своите соиграчи и открил дека побарал од тренерот да го исфрли од тимот.

Тој како причина навел личен проблем, додавајќи дека повеќе не очекува покани за натпревари.

„Го замолив Арбелоа повеќе да не зборува со мене“, наводно им рекол. Себаљос, исто така, нагласил дека не сака оваа ситуација негативно да влијае на остатокот од тимот, за кого изрази почит.

Односите меѓу Себаљос и Арбелоа се затегнати веќе некое време, а ова не беше нивниот прв конфликт. Себаљос не играше ниту една минута откако се врати од повредата на почетокот на април. Неговиот последен настап беше во февруари против Осасуна, кога неговата грешка доведе до пораз од 2:1. После тоа, тој исчезна од комбинациите за место во тимот.

Раководството на Реал Мадрид одлучи да застане на страната на тренерот. Клубот официјално објави дека играчот е изоставен од тимот исклучиво од „технички причини“, без да се обиде да ја ублажи ситуацијата.

Клубот наводно верува дека Себаљос намерно го предизвикал конфликтот за да си го олесни заминувањето. Од друга страна, играчот верува дека ситуацијата станала неподнослива и дека заминувањето е единственото решение.

Иако 29-годишниот играч од средниот ред има договор со Реал до 2027 година, тој веќе донел одлука да замине. Неговото заминување би ослободило и простор во буџетот за плати на клубот, што би овозможило доведување засилувања или развој на помлади играчи.

Најверојатна дестинација е Бетис, каде што Себаљос играше од 2014 до 2017 година, но трансферот ќе зависи од финансиските услови. Со оглед на тоа дека тој ќе биде достапен на пазарот, интерес би можеле да покажат и други клубови од Шпанија и Европа.

Foto/ Depositphotos

Share
Scroll to Top