OpenAI го проширува својот бизнис. Покрај Microsoft, вештачката интелигенција доаѓа и во Google и Amazon Cloud.

Компанијата OpenAI објави дека го прекина ексклузивниот пристап што технолошкиот гигант Microsoft го имаше до нејзините модели за вештачка интелигенција (AI).

Ова отвора можност за проширување на својот бизнис на cloud платформите на други конкуренти, вклучувајќи ги Amazon и Google, објави Ројтерс.

По објавата, акциите на Microsoft паднаа за околу еден процент, бидејќи инвеститорите ја оценија одлуката како потенцијално губење на конкурентската предност во областа на вештачката интелигенција.

Според новиот договор, производите на OpenAI прво ќе бидат поставени на платформата Azure на Microsoft, освен во случаи кога компанијата не е во можност или не сака да имплементира одредени функционалности.

Во исто време, OpenAI ќе може да ги продава своите технологии преку облачната инфраструктура на други компании, што укажува на промена во сегашниот модел на соработка и можно понатамошно засилување на конкуренцијата меѓу водечките технолошки компании.