Волк е животното кое вчера беше заловено во скопска населба: потврдија надлежните

Волк е животното кое вчера беше заловено во скопска населба: потврдија надлежните

пред 3 часа

По детални проверки, проценки и консултации со домашни и странски експерти, потврдено е дека животното кое вчера беше заловено во населбата Козле е волк, а не куче или мешанец, потврдија од ЗОО Скопје.

„Во текот на денот, во ЗОО Скопје дојдоа и сопствениците на кучето Сириус од расата чехословачки волчјак, по кое трагале веќе два месеци, кои на лице место се уверија дека не станува збор за нивното куче, туку за вистински волк, што и самите го потврдија“.

Животното, велат од таму, не е чипирано, измерено е дека тежи околу 25 килограми, а од страна на стручните служби била земена и крв за биохемиска анализа и дополнителни испитувања.

„Волкот е млад, но неухранет и недоволно развиен за својата возраст.
Во ЗОО Скопје денес излегоа и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои исто така се уверени дека станува збор за волк ( Canis lupus)
Дополнително, контактирани се и експерти и институции од повеќе европски центри и резервати за волци, со цел да се добие и меѓународна потврда и стручно мислење“.

Надлежните со апел до јавноста да не се шират шпекулации и дезинформаци, туку сите заедно повеќе да работиме на едукација дека диви животни не се чуваат како домашни миленичиња на ланец.

„Скопје ЗОО ќе продолжи внимателно да ги следи здравствената состојба и однесувањето на животното и ќе ја информира јавноста за сите понатамошни информации“.

И од Агенцијата за храна и ветеринарство попладнево известија дека официјален ветеринар на агенцијата доцна попладнево спровел вонреден надзор во скопската зоолошка градина каде вчера вечер беше згрижено диво животно заловено во скопската населба Козле.

„Врз основа на искуство во работата со диви животни и спроведениот стручен преглед на физичката градба на заловеното животно и неговото однесување, како и на проверка на други важни факти за утврдување на неговиот вид, од страна на официјалниот ветеринар потврдено е дека станува збор за диво животно од видот волк“.

Од агенцијата додаваат дека дополнително, ќе се утврдува и тековниот здравствен статус на заловеното диво животно и ќе се решава за натамошните постапки во врска со него.

Текстот Волк е животното кое вчера беше заловено во скопска населба: потврдија надлежните е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top