Соединетите Американски Држави и Израел подготвуваат можни нови воени операции против Иран уште оваа недела, пишува „Њујорк Тајмс“, повикувајќи се на информирани извори.
Двајца функционери од Блискиот Исток изјавија дека САД и Израел спроведуваат интензивни подготовки за можни нови напади врз Иран, најголеми откако стапи на сила прекинот на огнот.
Според американски и блискоисточни извори, Пентагон размислува за продолжување на операцијата „Епски бес“, која беше суспендирана откако Трамп прогласи прекин на огнот минатиот месец.
Аналитичарите проценуваат дека Вашингтон се соочува со сериозна дилема, бидејќи само новите воздушни напади тешко би можеле да го принудат Иран да ги прифати американските барања.
Како една од можностите се споменува специјална операција за преземање на иранските залихи на високо збогатен ураниум, за кој САД и Израел тврдат дека може да се користи за производство на нуклеарно оружје.
Сепак, експертите предупредуваат дека таквата акција би можела дополнително да ги загрози американските војници и да ја ослабне јавната поддршка во САД за продолжување на војната.
„Тајмс“ потсетува дека американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на Иран со нови воени напади доколку Техеран не се согласи со барањата на САД во врска со нуклеарната програма.
Во објава на социјалните мрежи, американскиот претседател му порача на Иран дека мора брзо да реагира „или нема да остане ништо“, додавајќи дека „часовникот отчукува“.
Преговорите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран за нуклеарната програма се во застој со недели, додека Вашингтон бара значително ограничување на збогатувањето на ураниумот на Иран и прекин на обидите за блокирање на Ормускиот теснец, клучен поморски пат за транспорт на нафта и гас, забележува весникот „Њујорк“, пренесува Танјуг.
Текстот „Њујорк Тајмс“: САД и Израел подготвуваат нови воени операции против Иран веќе оваа недела е превземен од МАКФАКС.





