(Видео) Украина по втор пат за една недела нападна руска рафинерија и хемиска фабрика

(Видео) Украина по втор пат за една недела нападна руска рафинерија и хемиска фабрика

пред 3 часа

Украински дронови наводно нападнале руска рафинерија за нафта и погон за производство на хемикалии преку ноќ, објавија руските канали на Телеграм.

Ова е втор регистриран напад на секое од овие места за само една недела, објави The Kiev Independent.

Напад на рафинерија во Нижегородската област
Жителите на градот Кстово во Нижегородската област пријавиле дека дронови се приближувале кон рафинеријата Лукоил-Нижегороднефтеоргсинтез рано наутро, по што следеле извештаи за експлозии во областа.

Независниот руски канал ASTRA на Телеграм објави дека по нападот се кренал чад од рафинеријата.

Ова е втор пат за една недела рафинеријата Лукоил-Нижегороднефтеоргсинтез да биде погодена.

Претходниот напад, кој резултираше со пожар, се случи на 18 мај. По првиот напад, Генералштабот на украинската армија објави дека рафинеријата е „еден од најголемите погони за преработка на нафта во Руската Федерација“ со капацитет од околу 17 милиони тони нафта годишно. Според украинската војска, фабриката произведува бензин, дизел гориво и авијациско гориво „што се испорачува на руските окупаторски сили“.

Нападната и хемиска фабрика на југот на Русија
Украинската армија наводно ја погодила и фабриката „Невиномиск Азот“ во регионот Ставропол во јужна Русија истата ноќ.

Тоа е еден од најголемите руски производители на минерални ѓубрива и хемикалии за производство на експлозиви. Фабриката годишно произведува до еден милион тони амонијак и повеќе од еден милион тони амониум нитрат, материјали што се користат во производството на експлозиви и артилериски гранати.

Градоначалникот на Невиномиск, Михаил Миненков, извести за активноста на воздушната одбрана над градот за време на нападот. Во исто време, според руските канали на Телеграм, локалните жители пријавија експлозии и пожар во градот.

Гувернерот на регионот Ставропол, Владимир Владимиров, тврдеше на Телеграм дека воздушната одбрана одбила напад врз неименувана „индустриска зона“ во Невиномиск и дека немало штета.

Текстот (Видео) Украина по втор пат за една недела нападна руска рафинерија и хемиска фабрика е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top