Украина: Откривме зголемено ниво на зрачење на неексплодирана руска ракета

Украина: Откривме зголемено ниво на зрачење на неексплодирана руска ракета

пред 5 часа

Украинската безбедносна служба (СБУ) соопшти дека по минатомесечниот напад врз Чернихивската област биле пронајдени руски ракети опремени со боеви глави со осиромашен ураниум. Зголемени нивоа на радијација биле откриени кај неексплодирана ракета воздух-воздух „Р-60“, која била монтирана на модифициран дрон „Геран-2“ и користена за напади врз украински летала вклучени во воздушната одбрана.

Според СБУ, изворот на радијација се изотопите ураниум-235 и ураниум-238. Осиромашениот ураниум е нуспроизвод од збогатувањето на ураниумот. Поради тоа што е околу два и пол пати погуст од челикот, тој е исклучително ефикасен за пробивање на тежок оклоп на бојното поле.

Припадниците на СБУ, Државната служба за вонредни состојби и Вооружените сили на Украина ја обезбедиле боевата глава и ја превеле во складиште за радиоактивен отпад. На местото било измерено ниво на гама-зрачење од 12 микросиверти на час, што значително ја надминува природната позадинска радијација и претставува директна закана за здравјето на луѓето.

СБУ апелираше до граѓаните да бидат крајно внимателни доколку наидат на остатоци од дронови или ракети. Најголема опасност претставува оштетената или изгорената муниција, бидејќи може да ослободи радиоактивна прашина штетна за луѓето и околината.

Истражителите веќе спроведуваат предистражни дејствија под надзор на регионалното обвинителство во Чернихив, а случајот се води според членот од Кривичниот законик на Украина кој се однесува на воени злосторства.

Текстот Украина: Откривме зголемено ниво на зрачење на неексплодирана руска ракета е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top