Средба на Сиљановска-Давкова со претставници на влашката заедница

Средба на Сиљановска-Давкова со претставници на влашката заедница

пред 4 часа

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со претставници на влашката заедница, предводени од Стерјо Папули, претседател на Организациониот одбор за одбележување на Националниот ден на Власите.

По повод празникот, претседателката упати честитки до припадниците на влашката заедница и истакна дека Власите, како автохтона заедница, се нераскинлив дел од историскиот, културниот и општествениот развој на македонската држава.

Таа нагласи дека нивниот влог низ различните историски периоди, од Илинденското востание и Крушевската Република, до антифашистичката борба, има посебно место во македонската државотворна традиција. Според неа, влашката заедница и денес дава значаен придонес во културата, образованието, науката и економијата.

Сиљановска-Давкова посочи дека бројни интелектуалци и уметници со влашко потекло оставиле белег во македонскиот, но и во поширокиот балкански и европски културен простор.

Власите укажаа на предизвиците врзани за зачувувањето на влашкиот јазик и културното наследство поради растечките закани од постепено исчезнување на јазиците на малите народи.

Според нив, потребни се дополнителни напори за унапредување на наставата на влашки јазик, поголем интерес кај младите за учење на мајчиниот јазик, како и поголема дигитална и медиумска присутност на влашкиот јазик.

Тие се осврнаа на Препораката 1333 на Советот на Европа за унапредување на правата на Власите. Според нив, постигнат е значаен напредок, но и натаму е потребна поддршка за зачувување на влашкиот јазик и идентитет.

Соговорниците ја информираа претседателката за иницијативата за формирање Национална установа „Центар за култура на влашката заедница“, како институција што би придонела за зачувување на влашката традиција, развој на образованието и унапредување на меѓукултурниот дијалог.

Сиљановска-Давкова изрази поддршка за заложбите на влашката заедница, оценувајќи дека културната разновидност претставува суштинска вредност на македонското општество и важен темел на демократскиот и мултикултурен карактер на државата.

Текстот Средба на Сиљановска-Давкова со претставници на влашката заедница е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top