Денешната посета има особено значење за нашите две држави, затоа што таа не претставува само дипломатска средба меѓу две влади, туку претставува потврда на едно пријателство кое се градело со години, на односи засновани врз заемна почит, разбирање, соработка и искрена поддршка, истакна премиерот Христијан Мицкоски за средбата со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
„Република Хрватска е наш близок партнер, пријателска земја и сојузник во НАТО. Земја со која делиме многу заеднички интереси, слични регионални предизвици, но и заедничка визија за стабилен, безбеден, развоен и европски Западен Балкан“.
Разговорот со Пленковиќ го оцени како конструктивен и пријателски а во фокусот биле билатералната соработка, економските односи, инвестициите, инфраструктурното поврзување, енергетиката, европските интеграции, регионалната безбедност, како и за актуелните геополитички случувања кои влијаат врз целиот европски простор.
„Особено сме задоволни што денес ја подигнуваме нашата соработка на уште повисоко ниво преку потпишување на Договорот за стратешка соработка помеѓу двете влади.
Овој договор е повеќе од дипломатски акт.
Тој претставува рамка за долгорочно партнерство и јасна политичка определба за продлабочување на нашите односи во области кои се од суштинско значење за иднината на двете држави.
Нашата стратешка соработка ќе биде заснована врз принципите на заемно почитување, целосно уважување на суверенитетот, меѓународното право и заедничките интереси на нашите граѓани“.
Според Мицкоски, во услови на нови глобални предизвици, нестабилност, безбедносни ризици и економски трансформации, денес повеќе од кога било е важно државите кои споделуваат исти вредности да градат посилни партнерства.
„Токму затоа, договорот што денес го потпишуваме создава можности за уште поинтензивна соработка во повеќе стратешки сектори.
Ќе работиме на развој на конкретни иницијативи и проекти во транспортот, енергетиката, информатичките технологии, индустријата, производството, здравството, образованието, јавната безбедност, цивилната заштита, одбраната, сајбер безбедноста и управувањето со границите.
Посебно значајно е што договорот отвора простор за подлабока поврзаност меѓу институциите, компаниите, инвеститорите, академската заедница, граѓанскиот сектор и експертските заедници на двете земји.
Ние сакаме оваа соработка да не остане само на ниво на политички декларации“.
Сакаме рече тој, да донесе реални резултати, нови инвестиции, повеќе економски можности, нови работни места, поголема институционална подготвеност и подобар животен стандард за граѓаните.
„Една од најважните теми на нашите разговори беше европската интеграција.
Хрватска е земја која успешно го помина патот од кандидат до полноправна членка на Европската Унија, иако тој пат почнавме заедно да го одиме. Токму затоа, хрватското искуство има особена тежина и значење за нас.
За нас европската интеграција не е само надворешно политичка цел.
Тоа е процес на институционално созревање, владеење на правото, економски развој, модернизација и создавање подобри услови за живот за нашите граѓани.
Затоа ја цениме поддршката што Хрватска континуирано ѝ ја дава на нашата европска перспектива.
Нашиот пат кон ЕУ за жал е исполнет со непринципиелни блокади поради што се доведува во прашање интегритетот на самиот процес, но сакаме да веруваме во Европа на вредности, Европа на принципи, Европа која препознава реформи, посветеност и резултати“.
Разговарано било и за продлабочување на соработката во енергетскиот сектор.
„Токму затоа особено значење има Меморандумот за разбирање и соработка во енергетскиот сектор кој денес се потпишува меѓу нашите ресорни министерства.
Со овој меморандум создаваме рамка за унапредување на можната соработка во повеќе клучни области.
Во зајакнување на енергетската безбедност и регионалните интерконекции.
Истовремено, како НАТО сојузници, разговаравме и за безбедносните предизвици со кои се соочува Европа и регионот.
Во време на неизвесност, на воени конфликти, сајбер закани, миграциски притисоци и хибридни ризици, потребни се силни партнерства, координација и заеднички одговори.
Остануваме посветени на зајакнување на регионалната стабилност, евроатлантската безбедност и мирот“.
Текстот Мицкоски: Договорот за стратешка соработка со Хрватска претставува долгорочно партнерство за продлабочување на односите е превземен од МАКФАКС.





