Нова пресуда по долгата битка на Северина и Милан Поповиќ: Судот одлучи Александар да живее со својата мајка

Нова пресуда по долгата битка на Северина и Милан Поповиќ: Судот одлучи Александар да живее со својата мајка

пред 6 часа

По повеќе од една деценија судски постапки, пресврти и правни битки, Општинскиот граѓански суд во Загреб донесе нова неправосилна одлука во случајот за старателството над синот на Северина Вучковиќ и Милан Поповиќ. Според најновата судска одлука, 14-годишниот Александар ќе живее со својата мајка, додека контактите со неговиот татко ќе бидат регулирани согласно судски определени услови.

Според информациите објавени од хрватските медиуми, судот донел одлука момчето да биде доверено на грижа и воспитување кај Северина, а истовремено да се овозможи редовно одржување на односите со неговиот татко Милан Поповиќ.

Информацијата ја потврди адвокатката на Северина, Јасминка Билош, која не сакала дополнително да коментира детали поради чувствителноста на случајот и интересот за заштита на малолетното дете.

Долгогодишниот спор меѓу хрватската пејачка и српскиот бизнисмен започна уште во 2013 година и со текот на годините прерасна во еден од најследените семејно-правни случаи во регионот. Низ целиот период беа донесени повеќе различни одлуки, а родителската грижа неколкупати беше менувана.

Во различни периоди, Александар живееше со двајцата родители преку модел на заедничко родителство и наизменичен престој, а судските процеси честопати добиваа нов тек по жалби и повторни разгледувања на случајот.

На почетокот на 2024 година, Врховниот суд ја поништи претходната одлука на Сплитскиот окружен суд и предметот го врати на повторно разгледување поради утврдени процедурални недостатоци во постапката.

Случајот со години предизвикува големо внимание во јавноста, а и Северина и Милан Поповиќ во повеќе наврати јавно зборуваа за нивните ставови, меѓусебните односи и текот на правната постапка.

Иако најновата одлука претставува значаен пресврт во долготрајниот спор, станува збор за неправосилна пресуда, што значи дека постапката сè уште не е правно завршена.

Share
Scroll to Top