Пејачката на легендарната група „Спајс Грлс“, Мелани „Мел С“ Чишолм, позната како Спорти Спајс, отворено проговори за долгогодишните претпоставки и гласини поврзани со нејзината сексуалност, признавајќи дека со години била предмет на коментари поради својот препознатлив „томбој“ стил.
Во гостување во емисијата „The Mitch Churi Chat Show“, пејачката откри дека уште од деновите на „Спајс Грлс“ луѓето често претпоставувале дека е лезбејка поради начинот на кој се облекувала и нејзиниот спортски имиџ.
„Имавме различни карактери во групата, а јас бев таа во спортска облека… па луѓето претпоставуваа или сугерираа дека сум геј“, изјавила Мел С.
Таа нагласила дека лично никогаш немала проблем со таквите претпоставки, но смета дека е погрешно нечија сексуалност да се поврзува со физички изглед или стил на облекување.
„Тоа не е ничија работа. Но да се суди според тоа како некој изгледа или како се облекува – тоа навистина беше лошо“, рекла пејачката.
Мел С открила и дека токму ваквите коментари на крај придонеле групата да добие огромна поддршка од ЛГБТ+ заедницата.
„Ова стана нешто многу поголемо од нас“, изјавила таа.
Во претходно интервју за магазинот „Атитјуд“ во 2022 година, пејачката исто така зборувала на оваа тема, потенцирајќи дека ваквите стереотипи се навредливи.
„Луѓето велеа дека изгледам како лезбејка затоа што имав кратка коса. Но како воопшто изгледа лезбејка? Тоа е многу навредливо и стереотипно размислување“, рекла таа.
И покрај сè, Мел С со текот на времето целосно ги прифатила тие реакции и често настапувала на Прајд настани ширум светот, каде станала препознатливо лице и поддржувач на ЛГБТ+ заедницата.
Во приватниот живот, пејачката моментално е во врска со Крис Дингвол. Минатата година откри дека двајцата се запознале преку апликацијата „Раја“.
Мел С претходно беше во врска со музичкиот продуцент Џо Маршал од 2015 до 2022 година, а е и мајка на 17-годишната Скарлет Стар, која ја доби од долгогодишниот партнер Томас Стар.






