Холивудскиот актер Џони Деп повторно се најде во центарот на вниманието, но овојпат поради голем финансиски скандал што ја потресе јавноста. Унгарската полиција уапси 27-годишен државјанин на Јордан под сомнение дека ги украл податоците од банкарската картичка на славниот актер и потрошил повеќе од половина милион фунти од неговата сметка.
Според информациите објавени од британски „Дејли Меил“, Деп наводно не забележал дека некој му ги празни сметките речиси две години, сè додека банката не ги означила трансакциите како сомнителни.
Истрагата започнала претходно оваа година, откако американска финансиска институција ја контактирала унгарската филијала на ФБИ поради низа сомнителни подигнувања и плаќања од сметката на еден од нивните клиенти.
Набргу било утврдено дека станува збор за Џони Деп, а истражителите откриле дека меѓу јануари 2024 и декември 2025 година биле извршени дури 308 трансакции.
Според досегашните податоци, од сметката на актерот биле потрошени повеќе од 536.534 фунти, односно околу 619.500 евра.
Полицијата успеала да му влезе во трага на осомничениот преку IP адреси, електронска пошта и унгарски телефонски број што бил користен за онлајн купувања и резервации на сместување.
Тој бил уапсен во изнајмен стан во Будимпешта, а унгарските медиуми објавија и видео од неговото приведување.
При претресот на станот, полицијата запленила повеќе електронски уреди за кои се сомнева дека биле користени при измамата. Освен тоа, биле пронајдени и супстанции за кои постои сомнеж дека се наркотични дроги, поради што е отворена и дополнителна истрага.
Осомничениот ги негирал сите обвиненија, но судот му одредил притвор додека трае истрагата.
Истражителите сè уште се обидуваат да утврдат како дошол до податоците од картичката на Џони Деп. Не се исклучуваат повеќе можности, меѓу кои кражба на податоци, протекување информации или компромитирање при претходна онлајн трансакција.
Унгарската полиција потврди дека случајот сè уште е активен и дека не се исклучени нови апсења.
Интересно е што Џони Деп во последните години често престојува во Будимпешта поради снимање филмови. Актерот неодамна работеше на филмот „Моди“, а бил забележан на повеќе познати локации низ унгарската престолнина, меѓу кои Будимскиот замок и Унгарската државна опера.
Токму таа поврзаност со Будимпешта дополнително ја засили мистеријата околу целиот случај.






