Страшна сообраќајка во Унгарија: автобус со млади спортисти удри во дрво, загина возачот, 23 лица се повредени

Страшна сообраќајка во Унгарија: автобус со млади спортисти удри во дрво, загина возачот, 23 лица се повредени

пред 5 часа

Автобус кој превезувал млади спортисти на натпревар во Унгарија, рано утринава излетал од патот, преминал во спротивната коловозна лента и директно се забил во дрво. Во тешката несреќа на местото починал возачот на автобусот, соопшти унгарската полиција.

Несреќата се случила околу 5:20 часот наутро по локално време, во близина на местото Хирд во југозападниот дел на Унгарија, информираат од полицијата на Барањската жупанија. Точните причини за несреќата сè уште се утврдуваат.

Во автобусот имало 19 деца од спортско училиште

Во возилото се наоѓале вкупно 28 лица, меѓу кои 19 млади натпреварувачи од аеробик секцијата на Спортското училиште во Печуј, тројца тренери, шестмина родители и возачот. Во моментот на несреќата, автобусот ги превезувал учениците на второто коло од натпреварувањето во главниот град Будимпешта, лоциран на околу 190 километри северно од местото на сообраќајката.

Од вкупно 28 патници, дури 23 се здобиле со повреди со различен степен. Според соопштението од Спортското училиште во Печуј, сите патници од автобусот веднаш биле пренесени во болниците во регионот.

Кај еден млад спортист е констатирана скршеница на бутната коска, неколку скршени прсти, потрес на мозокот, како и бројни модринки и гребаници. Во несреќата потешко се повредени и двајца тренери, чија здравствена состојба постојано се следи од страна на медицинските тимови.

Сочувство изрази и унгарскиот претседател

По повод трагедијата се огласи и претседателот на Унгарија, Тамаш Шујок. Тој преку социјалните мрежи ја нарече несреќата „потресна“ и упати порака до јавноста:

„Изразувам искрено сочувство до семејството на починатото лице, а на повредените им посакувам брзо и целосно закрепнување.“

Полициски екипи и јавен обвинител извршија увид на местото на настанот за да се открие дали причина за излетувањето била техничка неисправност на автобусот, неприлагодена брзина или пак хуман фактор.

Текстот Страшна сообраќајка во Унгарија: автобус со млади спортисти удри во дрво, загина возачот, 23 лица се повредени е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top