Чешка влада: Сите мерки се употребени, ни останува само вонредна состојба

пред 4 години

Во Чешка вчера беа потврдени 14.968 новоинфицирани со коронавирус, што е дури за 3.000 повеќе од претходниот ден.

Владата итно воведе построги мерки со кои се обидува да ги задржи граѓаните на линијата работа-дома.

Од избувнувањето на пандемијата на Ковид-19 во март, досега биле заразени 208.915 лица, а во моментов има 124.040 активни случаи. Во Чешка, која има 10,7 милиони жители, починаа 1.739 лица, најмногу во понеделникот, 100 и 69 во последните 24 часа.

Во болниците има 4.417 пациенти, што е четири пати повеќе отколку на почетокот на октомври, а три пати повеќе има и пациенти во сериозна состојба на кои им е потребна интензивна нега или респиратор, кои сега ги има 657.

Во Чешка денеска стапуваат на сила нови ограничувања во борбата против пандемијата, вклучително и ограничувањето на слободното движење, откако со претходните рестриктивни мерки не успеа да се забави наглото зголемување на бројот на новоинфицирани. Ограничувањата ќе траат најмалку до 3 ноември, објави АП.

Чешкиот премиер Андреј Бабиш се извини за мерките, но исто така рече дека доколку не бидат преземени, чешкиот здравствен систем ќе „пропадне“ меѓу 7 и 11 ноември. „Немаме време да чекаме, зголемувањето (на бројот на нови случаи) е огромно“, рече Бабиш.

Од денес, многу продавници, трговски центри и хотели ќе бидат затворени. На граѓаните ќе им биде забрането да ги напуштаат своите домови, со некои исклучоци.

Сепак ќе им биде дозволено да патуваат на работа, да работат, да ги посетуваат роднините, да купуваат храна и други потреби, да спортуваат и да патуваат во странство.

Државните институции исто така ќе го ограничат работното време.

Според новиот режим, продавниците за храна и лекови, аптеките и бензинските пумпи ќе останат отворени.

Бабиш повеќе пати апелираше до Чесите да ги почитуваат новите мерки затоа што претходните поблаги, кои беа воведени од есенва, не функционираа, додека министерот за внатрешни работи и началник на Централниот кризен штаб за борба против епидемијата на Ковид-19, Јан Хамачек предупреди дека владата прибегнува кон најтешките мерки и дека нема ништо повеќе како адут, освен целосно затворање на економијата и луѓето како во Израел.

Share
Scroll to Top