Шар Планина денеска беше во знакот на планинарството, дружењето и љубовта кон природата, откако повеќе од 1.000 планинари од Македонија и регионот учествуваа на 44. традиционално искачување на Титов Врв, една од најмасовните и најпрепознатливи планинарски манифестации во државата.
Настанот, кој го организира Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово, започна со детска едукативна тура и низа активности за најмладите, а кулминираше со главното искачување кон највисокиот врв на Шар Планина.
Планинарите традиционално тргнаа од Попова Шапка по познатата Вакуфска патека, совладувајќи ја маршрутата до Титов Врв во атмосфера исполнета со спортски дух, заедништво и почит кон природата.
Покрај планинарските активности, посетителите имаа можност да уживаат и во дополнителни содржини организирани на Попова Шапка. Во рамки на манифестацијата беше поставен планински базар со локални производи, традиционални ракотворби и автентични специјалитети од регионот, додека музичката програма придонесе за празнична атмосфера меѓу учесниците и гостите.
Организаторите истакнаа дека и годинава настанот поминал во духот на долгогодишната традиција и ги обединил љубителите на планината од различни генерации и држави.
Традиционалното искачување на Титов Врв е дел од официјалниот календар на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и важи за еден од најзначајните планинарски собири во земјата.
Со повеќе од четири децении традиција, оваа манифестација останува симбол на планинарскиот дух, спортската рекреација и љубовта кон природните убавини на Шар Планина.





