Со доаѓањето на летните горештини, клима-уредот станува еден од најважните системи во автомобилот, обезбедувајќи удобност и побезбедно возење. Сепак, автомобилските експерти предупредуваат дека многу возачи секојдневно прават грешки кои ја намалуваат ефикасноста на ладењето и можат да предизвикаат скапи дефекти.
Според механичарите, една од најчестите грешки е вклучувањето на климата веднаш по стартувањето на моторот. Таквата навика создава дополнително оптоварување на компресорот и може да го скрати неговиот работен век. Наместо тоа, се препорачува да се почекаат околу триесет секунди пред активирање на системот за ладење.
Стручњаците советуваат и климата да се исклучи неколку минути пред пристигнување на дестинацијата, а дури потоа да се изгаси моторот. Ова помага во зачувување на климатизацискиот систем и намалување на можноста за појава на влага и непријатни мириси.
Друг чест пропуст е веднаш да се постави вентилаторот на најсилно ниво кога автомобилот е загреан од сонцето. Наместо тоа, препорачливо е најпрво да се отворат сите врати за да излезе насобраниот жежок воздух, а потоа постепено да се намалува температурата во кабината. Идеалната температура за возење е помеѓу 21 и 23 степени Целзиусови.
Посебно внимание се посветува и на копчето за рециркулација на воздухот. Оваа функција овозможува побрзо ладење на веќе разладениот воздух во кабината, но не треба да се користи подолг временски период бидејќи ја намалува количината на свеж воздух и може да ја зголеми влажноста во возилото.
Малкумина знаат дека состојбата на акумулаторот директно влијае врз работата на климата. Доколку акумулаторот е дотраен или неисправен, може да дојде до послабо работење на вентилаторите и намалена ефикасност на системот за ладење. Поради тоа, се препорачува редовна проверка на акумулаторот пред почетокот на летната сезона.
Експертите предупредуваат и на важноста од редовно чистење на вентилационите отвори и решетките за внесување воздух. Насобраната прашина и нечистотија го попречуваат протокот на воздух и создаваат услови за развој на бактерии и мувла, кои подоцна можат да завршат во кабината и да влијаат на здравјето на патниците.
За кратки релации, механичарите сметаат дека користењето на клима-уредот често е непотребно. Во такви ситуации, отворањето на прозорецот може да биде доволно за проветрување на кабината без дополнително оптоварување на системот.
Покрај советите за климатизацијата, сервисерите предупредуваат и на уште една честа навика која може да доведе до скапи поправки – возење со речиси празен резервоар. Кога нивото на горивото падне под една четвртина од капацитетот, пумпата за гориво работи под поголемо оптоварување и ризикот од прегревање значително се зголемува.
Дополнителен проблем претставува кондензацијата која се создава во празниот простор на резервоарот. Водата што настанува може да се измеша со горивото и со текот на времето да предизвика корозија во системот за напојување.
Автомобилските експерти заклучуваат дека правилното користење на климата и редовното одржување на возилото можеби изгледаат како мали детали, но токму тие можат значително да го продолжат работниот век на важните системи и да заштедат големи суми пари за идни поправки.






