Вучиќ во Тиват: Се надеваме дека ќе ги промениме правилата за влез во ЕУ

Вучиќ во Тиват: Се надеваме дека ќе ги промениме правилата за влез во ЕУ

пред 5 часа

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пристигна во Тиват, каде што ќе учествува на дводневен самит на лидерите на Европската унија и Западен Балкан. Главна тема на состанокот, кој се одржува под слоганот „Заеднички просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“, ќе биде процесот на проширување на Унијата, пишува „Анадолу“.

За време на престојот во Црна Гора, се очекува Вучиќ да има голем број важни состаноци. Најавена е заедничка средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, францускиот претседател, Емануел Макрон, и германскиот канцелар, Фридрих Мерц.

Планирани се и одделни билатерални средби, меѓу другите со грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, словачкиот премиер, Роберт Фицо, австрискиот канцелар, Кристијан Штокер, и ирскиот премиер, Михаел Мартин, како и со други учесници на самитот.

Во пресрет на патувањето, Вучиќ изјави дека доаѓа на самитот и покрај предупредувањето на Безбедносната и информативна агенција (БИА) за можни безбедносни ризици. Тој нагласи колку е важно за него да ја претставува Србија на толку важен состанок.

Тој, исто така, истакна дека Србија има големи очекувања од самитот во Тиват. Особено се надева на евентуална промена на методологијата за пристапување кон Европската унија и забрзување на процесот на преговори.

Самитот го води претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, а домаќин е црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ. Покрај процесот на проширување и Планот за раст за Западен Балкан, се очекува лидерите да разговараат за зајакнување на соработката во областите на надворешната, безбедносната и одбранбената политика, со оглед на сложените геополитички предизвици.

 

фото/Depositphotos

Текстот Вучиќ во Тиват: Се надеваме дека ќе ги промениме правилата за влез во ЕУ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top