Во пресрет на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, Германија и Франција испратија нон-пејпер во кој предлагаат постепена интеграција на земјите од Југоисточна Европа и Молдавија и поедноставување на процесот на преговори, кој би продолжил да се базира на заслуги.
Во овој неформален документ, Берлин и Париз ја повикуваат Комисијата да презентира предлози за олеснување на постепената интеграција на земјите-кандидатки на нивниот пат кон пристапување во ЕУ. Ова треба да вклучува, меѓу другото, преференцијален пристап до внатрешниот пазар врз основа на нивниот значаен напредок во преговорите и поблиски врски со европските институции во секојдневниот процес на донесување одлуки, на пример со доделување статус на набљудувач на земјите-кандидатки на состаноците на институциите на ЕУ, под услови што ја почитуваат автономијата на процесот на донесување одлуки на ЕУ.
„Политиката на проширување има потреба од нов моментум. Претстојните самити на ЕУ со Западен Балкан (5 јуни) и со Молдавија (22 јуни) претставуваат можност што не смееме да ја пропуштиме. Нашата заедничка цел е да ја комплетираме Унијата како вистинска Европска Унија. За да ја оствариме оваа аспирација и да внесеме нова динамика, треба да обезбедиме дополнителни стимулации како дел од процесот на постепена интеграција базиран на заслуги и да го поедноставиме тековниот процес за да го направиме поефикасен и да овозможиме побрза и подлабока интеграција во ЕУ врз основа на Копенхашките критериуми“, се вели во документот.
Во него се нагласува дека целта за полноправно членство во ЕУ останува непроменета и дека постепената интеграција не е наменета да го замени полноправното членство во ЕУ или да го продолжи патот кон него.
„Напротив, сакаме да создадеме стимулации што поттикнуваат побрз напредок на тој пат. На овој начин, осигуруваме дека постепената интеграција придонесува за успешно проширување на ЕУ, зајакнувајќи ја ЕУ како целина“, се вели во документот.
Се предлага поедноставување на методологијата на преговори со комбинирање на некои процедурални чекори, нагласувајќи дека работата на земјите-кандидатки, Комисијата и Советот треба да се фокусира на суштината на реформите, а не на процедуралните чекори.
Во документот се наведува дека структурираната постепена интеграција има за цел да им обезбеди на земјите-кандидатки дополнителен поттик за спроведување реформи.
Се предлага, под услов да се исполнат одредени услови, заеднички состаноци на Европската комисија и членовите на Европскиот парламент со претставници на земјите од Западен Балкан и Молдавија да се одржуваат двапати годишно, заедничките парламентарни комисии да се состануваат почесто и претставниците на овие земји да можат да учествуваат во одредени точки од дневниот ред на неформалните состаноци на Европскиот совет и Советот на Европската унија како набљудувачи без право на глас.
На земјите-кандидатки им се нуди целосно учество во единствениот пазар врз основа на моделот на Европската економска област плус. Ова значи дека, како и членовите на ЕЕА (Исланд, Лихтенштајн и Норвешка), тие би имале пристап до единствениот европски пазар. Услов за ова би бил усвојување и имплементација на европското acquis од првите пет кластери и привремено затворање на релевантните преговарачки поглавја.
фото/ЕПА
Текстот Германија и Франција предлагаат нов модел на проширување на ЕУ за Балканот е превземен од МАКФАКС.





