Кит Харингтон проговори за зависноста и рехабилитацијата по „Игра на тронови“

Кит Харингтон проговори за зависноста и рехабилитацијата по „Игра на тронови“

пред 5 часа

Кит Харингтон, ѕвездата на „Игра на тронови“, отворено проговори за периодот по завршувањето на серијата и за неговата борба со зависноста.

Актерот, кој осум сезони го играше Џон Сноу, во разговор со колегата Питер Динклиџ за Variety откри дека во 2019 година, токму додека се емитувала последната сезона на HBO хитот, се пријавил во установа за рехабилитација.

„Првото нешто што го направив додека се прикажуваше серијата беше тоа што заминав на одвикнување“, изјави Харингтон.

Тој раскажа дека шест недели бил изолиран, без телефон, во период кога целиот свет го следеше крајот на серијата што го прослави.

„Морав да се отрезнам. Морав да се средам“, додаде актерот, кој е во брак со Роуз Лесли, неговата колешка од „Игра на тронови“, со која има две деца.

Харингтон призна дека одлуката да замине на рехабилитација се совпаднала со емитувањето на финалната сезона, но дека тоа не било планирано.

„Имав многу медиумски обврски и требаше да бидам во центарот на вниманието. Но, беше добра одлука да кажам: ‘Знаеш што? Се повлекувам. Не можам ова’“, рече тој.

По рехабилитацијата, актерот направил едногодишна пауза од глумата за, како што вели, да се пронајде себеси по крајот на серијата. Потоа започна пандемијата, што дополнително го оддалечи од работата, но денес вели дека тој период му бил потребен.

„Гледајќи наназад, тоа беше многу добро за мене. Ми даде време да разберам кој сум по серијата и дали воопшто сакам да продолжам да се занимавам со ова“, изјави Харингтон.

Тој додаде дека во тој период морал повторно да ја пронајде радоста во глумата, по години во кои голем дел од неговата работа била поврзана со лична болка и тежина.

Share
Scroll to Top