Во Тирана продолжуваат активностите во рамки на 29. Семинар на Работната група на словенските малцинства во Европа, кој се одржува во организација на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) и Македонското друштво „Илинден“ – Тирана.
На семинарот учествуваат околу 40 претставници од 20 организации на словенски малцинства од 11 европски држави – Албанија, Германија, Австрија, Словенија, Хрватска, Естонија, Украина, Унгарија, Србија, Италија и Словачка.
Во рамки на денешната програма, учесниците го посетија Парламентот на Република Албанија, каде што се одржа панел-дискусија на тема „Западен Балкан и неговите национални малцинства на патот кон Европската Унија“. Модератор на дискусијата беше д-р Хартмунт Лајпнер, претседател на Работната група за словенски малцинства (АГСМ) и потпретседател на ФУЕН.
На панелот свои излагања имаа Атанас Плоча, заменик-градоначалник на општина Пустец, Ендрит Фетаху, потпретседател на Македонската алијанса за европска интеграција, Дејан Чулафиќ, предавач на Универзитетот „Луиѓ Гуракуќи“ во Скадар, како и Ентела Бињаку, директор на фондацијата „Хариет Мартино“ и претставник на влашкото национално малцинство во Албанија.
Покрај темите поврзани со положбата на националните малцинства и нивната улога во европските интеграции, учесниците разговараа и за тековните активности и идните насоки на работа на Работната група на словенски малцинства (АГСМ).
Семинарот беше заокружен со свечена гала-вечера по повод 30 години од формирањето и дејствувањето на Работната група на словенски малцинства. Во културно-уметничкиот дел настапи македонската музичка група „Бајрами“ од селото Орешек во областа Гора, која со својот настап придонесе за одбележување на значајниот јубилеј.






