Победник на Големата награда на Унгарија, осмата трка во сезоната на Мото ГП, е возачот на Дукати, Марк Маркез.
Маркез на „Балатон парк“, прослави голем јубилеј, ја забележа 100-та победа во кариерата, која ја чека од септември 2025 година и трката во Сан Марино.
Ова е првата победа на Маркез од Сан Марино, пред 266 дена. Валентино Роси има најмногу победи во „кралската класа“, 89, додека Марк Маркез ја забележа 74-та.
На второто место беше Педро Акоста, кој беше лидер на својот КТМ од вториот до средината на 15-тиот круг, а на третото место беше вториот фабрички возач на Дукати, Франческо Бањаја. Аи Огура ја заврши трката на четвртото место, пред Лука Марини и Диого Мореира. Икер Лекуона беше седми, Џек Милер осми, Бред Биндер деветти, а Енеа Бастијанини десетти.
Почеток на трката се селучи најлошото сценарио. Во првата кривина, Хорхе Мартин ја изгуби контролата и ги прегази Фермин Алдегер, Марко Бецеки, Раул Фернандез и Фабио ди Џанантонио. Само Диџа успеа да се врати на патеката и да ја продолжи трката.
Одлуката на раководството на трката да го покаже само жолтото знаме е необјаснива бидејќи делови од моторот беа расфрлани по целата патека.
Мартин и Бецеки беа префрлени во медицинскиот центар на прегледи, а малку подоцна Априлија објави дека ниту еден од нив нема видливи скршеници, дека Мартин имал модринки на грбот и левото стапало, додека Бецеки имал модринки на десната нога и рака.
Марк Маркез му се спротивстави на Педро Акоста круг и пол, кој успеа да го престигне и да го преземе водството, додека Франческо Бањаја беше на третото место.
Акоста успеа да одржи предност од околу половина секунда во текот на целата трка, но не и да се одвои. И така беше до средината на 15-та рунда. Маркез се приближи, нападна и во еден момент имаше мал контакт помеѓу него и Акоста.
Недолго потоа следеше претекнување. Маркез се проби за првото место и веднаш го направи она што Акоста не успеа, создаде предност поголема од една секунда, со што ја запечати победата.
Светското првенство продолжува со Големата награда на Чешка во Брно од 19 до 21 јуни.
Foto/ Depositphotos






