МВР доби тенски возила и специјализирана опрема од ЕУ

МВР доби тенски возила и специјализирана опрема од ЕУ

пред 3 часа

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на церемонијата за примопредавање на возила и специјализирана опрема за Министерството за внатрешни работи, обезбедени во рамки на регионалниот ИПА проект „Поддршка на ЕУ за зајакнување на борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе во Западен Балкан (EU4FAST)“.

Во рамки на донацијата беа предадени 30 алатки за проверка на документи, два детектори за срцебиење, за откривање на лица во скриени простори, седум возила (четири теренски возила и три комбиња), како и пет видео камери, наменети за Граничната полиција и Националната единица за борба против криумчарење мигранти и трговија со луѓе.

Во своето обраќање, министерот Тошковски истакна дека поддршката од Европската Унија претставува конкретен придонес во јакнењето на капацитетите на македонската полиција и во унапредувањето на нејзината оперативна ефикасност.

„Живееме во комплексно геополитичко време кое бара максимална будност и кохезија на безбедносните структури. Нашите граници се рамноправен дел од безбедносната архитектура на европскиот континент, а нашите институции се на првата линија на одбрана на заедничките европски вредности. Затоа секоја инвестиција во модернизацијата на нашите служби е истовремено инвестиција во мирот и стабилноста на целиот европски простор“, нагласи Тошковски.

Министерот посочи дека криминалните мрежи делуваат транснационално и постојано ги адаптираат своите методи, поради што е неопходен координиран и навремен одговор заснован на силна меѓународна соработка.

Тој истакна дека проектот EU4FAST претставува успешен пример за заедничко дејствување на институциите од регионот и европските партнери преку обуки, размена на информации и координирани активности на терен.

„Донираните возила и специјализирана опрема веднаш ќе бидат ставени во функција, со што значително ќе се зголемат мобилноста, ефикасноста и оперативните капацитети на полициските единици во справувањето со криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе“, истакна Тошковски.

Тој нагласи дека овие форми на организиран криминал имаат директни последици врз човечките судбини, поради што Министерството за внатрешни работи продолжува да применува мултидисциплинарен пристап со силна хумана компонента во секоја оперативна активност.

На крајот од обраќањето, министерот Тошковски упати благодарност до Европската Унија, донаторската заедница и проектниот тим за континуираната поддршка и доверба, потенцирајќи дека Република Северна Македонија ќе остане активен и кредибилен партнер во сите иницијативи насочени кон зајакнување на безбедноста, владеењето на правото и регионалната соработка.

Проектот EU4FAST ги поддржува партнерските институции во регионот во зајакнување на превенцијата, истрагата, гонењето на сторителите како и заштитата на жртвите, преку комбиниран пристап кој опфаќа обуки, техничка помош, набавка на опрема и унапредување на меѓуинституционалната соработка.

Проектот е кофинансиран од Европската Унија, Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ), Министерството за внатрешни работи на Италија и Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија. Имплементацијата ја спроведува конзорциум предводен од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), заедно со европски партнери од областа на внатрешни работи и правда.

Текстот МВР доби тенски возила и специјализирана опрема од ЕУ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top