Мицкоски: Треба да стиснеме заби и сами да го изградиме проектот Чебрен и Галиште

Мицкоски: Треба да стиснеме заби и сами да го изградиме проектот Чебрен и Галиште

пред 5 часа

Државата е блиску до одлука самостојно да го гради проектот Чебрен и Галиште како државен, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се финансира проектот за хидроцентралата Чебрен и од каде би се обезбедиле околу 1,5 милијарди евра, колку што, според проценките, би чинела неговата реализација.

„Па јас вчера, во текот на брифингот, реков дека една од иницијативите која што ја имаме е сами, како држава, да го градиме, би рекол, целиот тој комплекс на централи на река Црна, над постоечката Тиквеш, во јавноста познат како проект Чебрен и Галиште. Направивме пресметки и цениме дека овој е стратешки проект, не само за Македонија како држава, туку и за регионот. До сега имаше многу неуспешни тендери, обиди за приватни партнерства, процеси поврзани со многу сомнежи“, рече Мицкоски.

Премиерот посочи доколку, како што рече, успееме да формираме синдикат на меѓународни финансиски институции, а разговорите се во таа насока, тогаш реално е да се очекува дека следната година ќе ставиме камен-темелник на овој историски проект.

„Има многу причини за кои верувам јас, и јас и колегите во Владата, и во компанијата АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, дека треба да се обидеме, вака народски кажано, да стиснеме заби и да го изградиме сами овој проект. Имајќи ги предвид климатските промени, убеден сум дека не само на Македонија како држава, туку и во регионот, ќе им требаат два резервоари за питка вода. Токму тие се тие акумулации, таков тип на резервоари. Така што, производството на електрична енергија можеби и не е примарен предизвик, можеби е терцијален или четврт по ред, имајќи предвид дека под постоечката хидроцентрала Тиквеш се наводнуваат некаде околу шеесетина илјади хектари земјоделско земјиште“, рече Мицкоски.

Тој истакна дека ова е амбициозна најава, но не е невозможна и рече дека се многу блиску до конечна одлука самата држава да го гради овој проект.

Текстот Мицкоски: Треба да стиснеме заби и сами да го изградиме проектот Чебрен и Галиште е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top