Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска ја отвори втората седница на Мониторинг комитетот за Инструментот за реформи и раст (Reform and Growth Facility – RGF), на која учествуваа претставници на Европската комисија, Делегацијата на Европската Унија, државните институции, граѓанскиот сектор и меѓународните партнери.
Во своето обраќање министерот Сали истакна дека Северна Македонија останува целосно посветена на европската агенда и на спроведувањето на реформите кои носат конкретни придобивки за граѓаните.
„Европската интеграција не е само политички приоритет, туку стратешка инвестиција во долгорочната стабилност, безбедност и просперитет на државата. Реформската агенда претставува клучна алатка за забрзување на реформите и приближување на земјата кон Европската Унија“, истакна Сали.
Тој упати благодарност до Делегацијата на Европската Унија во Скопје, амбасадорот Михалис Рокас и Европската комисија за континуираната поддршка во спроведувањето на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан.
Сали нагласи дека Северна Македонија е меѓу најуспешните земји во регионот во имплементацијата на Реформската агенда, обезбедувајќи досега повеќе од 142 милиони евра преку Инструментот за реформи и раст, додека во последниот циклус на оценување беа одобрени 65,7 милиони евра – највисок износ исплатен во регионот.
На состанокот беше презентиран напредокот во областа на реформата на јавната администрација, владеењето на правото, дигиталната трансформација, зелената транзиција, управувањето со јавните финансии и развојот на човечкиот капитал.
Учесниците ја потврдија заедничката посветеност за продолжување на реформите и ефективно користење на Инструментот за реформи и раст како механизам што носи конкретни придобивки за граѓаните и економијата.
Текстот Беким Сали: Северна Македонија меѓу лидерите во спроведувањето на Реформската агенда е превземен од МАКФАКС.





