Македонски турист спасен од давење во Грција: Изгубил свест во морето, спасувач реагирал во последен момент

Македонски турист спасен од давење во Грција: Изгубил свест во морето, спасувач реагирал во последен момент

пред 7 часа

70-годишен турист од Македонија бил спасен од сигурна трагедија на плажата во Неи Пори, Грција, откако ненадејно изгубил свест додека пливал во морето.

Според информациите објавени од грчките медиуми, драмата се случила додека мажот се капел во водата, кога во еден момент останал без свест и почнал да тоне. За среќа, ситуацијата навреме ја забележал дежурниот спасувач, кој веднаш влегол во морето и го извлекол на брегот.

Благодарение на брзата и професионална реакција, не било потребно да се врши кардиопулмонална реанимација. Спасувачите веднаш му дале кислород, по што туристот повторно дошол при свест.

„Пливаше во морето во Неи Пори кога ненадејно изгуби свест. Спасувачот веднаш реагираше, влезе во водата и го извлече. Му беше даден кислород и човекот се врати во живот без потреба од реанимација“, изјавил Адонис Киурцидис, надзорник на спасувачката служба.

Набрзо на местото пристигнала и екипа на брза помош, која го транспортирала туристот во болница на дополнителни прегледи и лекување.

По два дена поминати под медицински надзор, 70-годишниот Македонец бил отпуштен од болница во добра здравствена состојба.

Во знак на благодарност за спасениот живот, туристот подоцна повторно ја посетил спасувачката кула и лично му се заблагодарил на човекот кој му помогнал во најтешкиот момент.

Случајот уште еднаш потсетува колку е важна улогата на спасувачите на плажите, особено во текот на летната сезона кога илјадници туристи секојдневно престојуваат на грчкото крајбрежје.

Share
Scroll to Top