Бошњаковиќ пред Швајцарија: Овие момци ја обединија државата, не барајте влакно во јајцето

Бошњаковиќ пред Швајцарија: Овие момци ја обединија државата, не барајте влакно во јајцето

пред 3 часа

Фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина вечерва против Швајцарија ќе го игра еден од најважните натпревари на Светското првенство, а тренерот Миленко Бошњаковиќ смета дека клучна улога ќе има психолошкиот притисок под кој се наоѓаат Швајцарците по киксот против Катар.

Гостувајќи на „Н1“, Бошњаковиќ оцени дека во швајцарскиот табор се случуваат невообичаени работи.

„Швајцарците се разнишани по сите основи“

„Првпат на тоа ниво забележувам капитен јавно преку медиумите да ги критикува своите соиграчи. Нивниот селектор исто така испрати многу остра порака до играчите. Тоа не е вообичаено во тренерскиот речник и само покажува колку тешко им падна ремито против Катар“, рече Бошњаковиќ.

Тој смета дека Босна и Херцеговина токму тука ќе ја бара својата шанса.

„Како што ќе одминува времето, Швајцарците ќе стануваат сè понервозни. Колку повеќе ќе бидат нервозни, толку повеќе ќе ризикуваат и ќе оставаат простор зад себе. Тоа може да ни одговара“, изјави тој.

Џеко не се држи на клупа

Говорејќи за можноста капитенот Един Џеко да се врати во составот, Бошњаковиќ нема дилема.

„Един Џеко не се држи на клупа ако е подготвен. Од сè срце се надевам дека е здрав и дека ќе го почне натпреварот“, рече тој.

Додаде дека присуството на најдобриот босански напаѓач го менува начинот на кој размислува противникот.

„Друго е кога имате играч со квалитетите на Џеко. Противникот одвојува еден играч за него, плус уште еден што го покрива. Тие навистина многу се плашат од Џеко. Како денес да не се плашат од Џеко?“

Тој потсети и дека репрезентацијата на Босна и Херцеговина сè уште е во процес на создавање.

„Нашата репрезентација е многу млада. До пред година и пол, 90 проценти од овие играчи воопшто не беа репрезентативци. Од друга страна ја имате Швајцарија, чии играчи настапуваат во најсилните европски лиги.“

„Овие момци ја обединија државата“

Сепак, најемотивниот дел од разговорот се однесуваше на атмосферата што репрезентацијата ја создаде меѓу навивачите.

„Погледнете ја поддршката од народот во Босна и Херцеговина. Од десет снимки од Бања Лука, девет луѓе велат дека ќе навиваат за Босна и Херцеговина. За мене тоа е успех“, рече Бошњаковиќ.

Потоа испрати порака до сите навивачи:

„Овие момци ја обединија државата. Немојте да им бараме влакно во јајцето.“

Тој додаде дека јавноста мора да биде свесна колку е голем успех самиот пласман на Светското првенство.

„Секој бод што ќе го освојат е голем како куќа. Мора да бидеме реални и благодарни што сме меѓу 48-те најдобри репрезентации во светот“, заклучи Бошњаковиќ.

Share
Scroll to Top