Екстремно високите температури што деновиве ја зафатија земјава значително го зголемуваат ризикот од сончаница и топлотен удар – две сериозни состојби кои можат да имаат опасни последици по здравјето доколку не се препознаат и не се третираат навреме.
Иако често се мешаат, топлотниот удар и сончаницата не се исто. Топлотниот удар може да се појави и без директно изложување на сонце, особено при висока влажност на воздухот, кога организмот не може ефикасно да се разлади преку потење.
Што е топлотен удар?
Топлотниот удар настанува кога природниот механизам за регулирање на телесната температура престанува да функционира. Во услови на високи температури и зголемена влажност, потта не испарува доволно брзо, па телото не успева да се олади.
Особено изложени на ризик се:
- постарите лица,
- малите деца,
- лицата кои работат на отворено,
- хронично болните,
- лицата со дехидратација.
Недоволниот внес на течности, консумирањето алкохол, кафе и некои лекови дополнително го зголемуваат ризикот.
Симптоми на топлотен удар
Симптомите можат да бидат различни, но најчесто се јавуваат:
- силна главоболка,
- многу висока телесна температура,
- врела и сува кожа,
- вртоглавица,
- гадење и повраќање,
- забрзано дишење и пулс,
- конфузија и дезориентација,
- замор и слабост,
- нарушување на видот,
- зуење во ушите,
- халуцинации,
- губење на свеста.
Во потешките случаи состојбата може да биде животозагрозувачка и бара итна медицинска интервенција.
Кога веднаш да побарате лекарска помош?
Лекарска помош е неопходна ако:
- телесната температура не се намалува и покрај разладувањето,
- лицето изгуби свест,
- е конфузно и тешко комуницира,
- постојано повраќа,
- станува сè поизнемоштено.
Што треба да направите?
Доколку се сомневате на топлотен удар:
- веднаш повикајте Итна медицинска помош;
- преместете го лицето во ладна просторија или сенка;
- соблечете ја вишокот облека;
- разладувајте го телото со ладна вода;
- ставете ладни облоги или мраз на препоните, пазувите и вратот;
- подигнете ги нозете;
- ако лицето е свесно, дајте му вода или раствор за рехидратација.
Во потешките случаи може да биде потребна интравенска инфузија и болничко лекување.
Како да спречите топлотен удар?
Експертите препорачуваат:
- пијте многу вода;
- избегнувајте кафе, алкохол и засладени пијалаци;
- внесувајте електролити ако многу се потите;
- носете лесна и светла облека;
- избегнувајте физички напор во најтоплиот дел од денот;
- носете шешир и очила за сонце;
- никогаш не оставајте деца, постари лица или домашни миленици во автомобил;
- престојувајте во климатизирани или добро разладени простории кога температурите се екстремно високи.
Што е сончаница?
Сончаницата настанува поради долго изложување на главата и тилот на директно сонце.
Во такви услови телото испраќа поголема количина крв кон мозокот за да го разлади, што доведува до ширење на крвните садови и појава на симптоми слични на потрес на мозокот.
Во потешките случаи може да дојде до губење на свеста, па дури и кома.
Како да постапите при сончаница?
Лицето треба веднаш да се премести во сенка или разладена просторија, постепено да се разладува со вода и ладни облоги на главата и тилот, редовно да се мери телесната температура и да внесува ладни течности.
Не се препорачува консумирање алкохол или кафе.
Ако се појават губење на свеста, силна конфузија или изразена поспаност, неопходно е веднаш да се повика лекар.
Со оглед на тоа што според метеоролозите и во наредните денови се очекуваат температури над 35 степени, лекарите апелираат граѓаните сериозно да ги сфатат препораките и да избегнуваат престој на сонце во најтоплиот дел од денот.






