Холивудската ѕвезда Мет Дејмон откри дека за време на снимањето на долгоочекуваниот филм „Одисеја“ немало никакви привилегии, иако тој е еден од најголемите актери во светот.
Во интервју за списанието People, Дејмон изјави дека на снимањето сите биле третирани подеднакво, без разлика на нивниот статус или популарност.
„Ако сте на брод насред океан и ве фати бура, ќе се намокрите како и другите. Никој не добива топол пијалок, па ни вие не го добивате. Сите се еднакви, рамноправни. Се чувствуваше како сите да сме заедно во тоа, затоа што сме“, изјавил актерот.
Дејмон, кој во филмот го толкува главниот лик Одисеј, истакнал дека токму чувството на заедништво било една од најголемите вредности на проектот. Според него, снимањето било исклучително напорно, но истовремено создало силна поврзаност меѓу актерите и целата филмска екипа.

Филмот „Одисеја“ е инспириран од истоимената старогрчка епска поема на Хомер и ја следи авантуристичката приказна за Одисеј и неговото долго враќање дома по Тројанската војна.
Покрај Мет Дејмон, во актерската екипа се и Том Холанд, Ен Хатавеј, Зендаја, Роберт Патинсон, Џон Легуизамо, Лупита Њонго и Шарлиз Терон.
Актерот откри дека секој ден на снимањето повеќе наликувал на вистинска експедиција отколку на класично снимање филм.
„Беше тешко да се добијат сцените што ги снимивме и начинот на кој ги реализиравме. Секој човек од екипата мораше да го даде својот максимум. Од тоа искуство заминав среќен и благодарен. Немаше да успее ако сите не се вложеа целосно“, изјави Дејмон.
Според неговите зборови, токму заедничкиот труд, дисциплината и еднаквиот третман на сите учесници придонеле снимањето на „Одисеја“ да биде едно од најпосебните искуства во неговата кариера.






