Од специјалниот известувач Ненад Живановски – Столиќ
По историскиот настап на Лина Ѓорческа во првото коло на Вимблдон, во кој беше поразена од Американката Аманда Анисимова (6-3, 6-2), веднаш по мечот таа даде ексклузивно интервју за Топ-спорт.
– Лина, како го оценуваш твојот денешен настап и генерално севкупното учество на турнирот?
Ѓорческа: Го оценувам и добро и лошо. Добро е што ако споредам со првиот пат кога играв на еден голем гренд слем, како што беше Роланд Гарос во Парис, тогаш имав голема трема бидејќи играв пред толку народ. Тука не се чувствував на тој начин. Меѓутоа, од другата страна на мрежата, имав противник кој на оваа подлога можеби е и најдобар или е меѓу првите две најдобри тенисерки во свет. На неа и одговара оваа подлога, бидејќи игра многу брз тенис. Затоа мислам, да имав поголема среќа во жребот, веројатно и исходот би бил поразличен. Во секој случај добро искуство како за мене, така и за целата држава.
Што се однесува до лошиот дел од мојот настап, мислам дека можев побрзо да реагирам на нејзините брзи топки. Имав и претходно противнички кои играат рамно, но не со оваа брзина. За нареден пат би знаела дека треба да бидам многу поподготвена и побрза во ударите.
Можеби, од страна кога се гледа, на пример од трибините или малите екрани, се чини дека секоја грешка е неизнудена грешка, но тревата е таква подлога, да не може да се забележи дека топката се лизнала. Ти ја очекуваш на еден начин, а таа во последен момент се забрзува. Анисимова денес кога удри две – три топки со рамка, јас топката ја очекував на една страна, а таа ми дојде сосема на друга. Покрај тоа, таа со сервисот и бекендот денес играше одлично.

– Дали мислиш доколку би ја повторила играта од минатиот четврток против Италијанката Луција Броцети, дека денес можеше и поинаков резултат да биде?
Ѓорческа: Не би сакала да зборувам што би било, кога би било. Резултатот е таков каков што е. Искрено, воопшто не сум разочарана од настапот, искуството на вакви мечеви, на ваков турнир пред публика, е многу поголемо на страна на Американката.
Минатиот четврток имав поразличен противник, и на секој противник мораш да се прилагодуваш, да менуваш игра, така што не знам дали би бил подруг исходот. Мислам дека денес не играв лошо, секако секогаш може подобро, меѓутоа, како за прв пат, за прв настап, на терен со високи трибини, реклами, јас сум многу задоволна.

– Тоа е и најважното, на крајот од мечот и на крајот од учеството на турнирот да си задоволна и дека она што било зацртано со тренерот како тактика и стратегија било исполнето. Сето друго е надвор од твоите можности.
Ѓорческа: Како што кажав, секогаш може подобро. Ние имавме подготвено тактика, меѓутоа не секогаш можеш да ја спроведеш совршено, бидејќи противникот од другата страна може да има добар или лош ден. Не е како во другите спортови, сè да зависи од мене, во тенисот јас од противникот добивам топка, па може да има ветер, како ќе отскокне топчето, сето тоа влијае. Меѓутоа, на крајот од денот, да сме искрени, никој не ни веруваше дека ќе играм тука, можеби само јас, тренерот и моите дома. Јас сум задоволна, и важно е и тие да се задоволни.

– Како што рече, пред да дојдеш на турнирот никој не сметаше на твој настап на завршниот турнир, а пред овој меч во Македонија се дигна голема еуфорија, можеби и со нереални очекувања?
Ѓорческа: Мислам дека ние сме таква нација, што многу се радуваме на успех на некој друг. Јас можам да тргнам од себе. Кога играат наши спортисти, јас навивам за сите нив исто како за мене да се работи. Многу сум среќна за нивната еуфорија, изминативе денови добив милион пораки, и навистина ми е жал што не можев на сите да одговорам, бидејќи ќе требаше да останам по цели ноќи на телефон или компјутер. Се надевам дека на овој начин нешто конечно ќе се смени во државата, кога е тенисот во прашање, дека малку повеќе ќе се обрати внимание и на женскиот тенис, затоа што женскиот тенис е многу поуспешен од машкиот. Јас би била најсреќна доколку ова биде поттик за многу мали дечиња да почнат да играат тенис. Ако тоа се случи, ќе значи дека овој успех на Вимблдон е со многу пошироко значење од само тоа да биде мој личен успех.

– Тоа отприлика го зборуваше и Новак Ѓоковиќ во изјавата за Макфакс, дека успехот на еден тенисер, може да има поголемо општествено значење за да го смени амбиентот во државата и да инспирира многу мали деца да почнат да тренираат тенис.
Ѓорческа: Мислам дека првенствено треба за тоа да се ангажираат оние кои се задолжени за спортот и тенисот кај нас. Доколку би зависело од мене, јас би направила сè и само за тенис би зборувала. Меѓутоа, ништо не зависи од мене. Ова е буквално индивидуален успех, мој успех, успех на тренерот и на моите дома. Затоа, доколку на било кој начин можам да помогнам нештата да се подобрат во тенисот во нашата држава, стојам на располагање за било што.






