Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема амбиција да се кандидира за претседател на државата и порача дека неговата цел е како лидер на ВМРО-ДПМНЕ да ја предводи партијата до нова убедлива победа на следните парламентарни избори.
Во интервју за „Тема на денот“ на Сител, Мицкоски рече дека по завршувањето на политичката кариера планира да се врати на факултетот, но нагласи дека во моментов има уште многу работа како претседател на Владата.
„Кога ќе завршам со овој дел од мојот живот како претседател на Владата ќе се вратам на факултет кај студентите, јас никогаш не кажав кога тоа ќе се случи, дали за година, пет, десет. Ќе треба овие кои што се уплашени од мене кои што континуирано ги гледам ми претскажуваат некаков крај да се потрудат малку повеќе за тоа да трае малку пократко, а јас пак од друга страна ќе се потрудам малку повеќе за тоа трае подолго“, рече Мицкоски.
Осврнувајќи се на Изборниот законик, премиерот оцени дека СДСМ и Левица се против предложените измени затоа што се свесни дека ќе ги загубат следните избори. Според него, целта на измените е да се овозможи поголема излезност на дијаспората и да се зајакне нејзината поврзаност со државата.
Мицкоски истакна дека Владата е подготвена да разговара за сите можни решенија што ќе го олеснат гласањето на дијаспората, вклучително и електронско или гласање по пошта, како и дека новиот Изборен законик треба да ги содржи препораките на ОБСЕ и ОДИХР.
Текстот Мицкоски: Немам амбиција да бидам претседател, ќе ја водам ВМРО-ДПМНЕ до нова победа е превземен од МАКФАКС.






