Принцот Хари повторно се најде во центарот на вниманието по новите тврдења дека поканата да престојува во Бакингемската палата за време на неговата претстојна посета на Велика Британија била повлечена во последен момент, иако, според неговиот тим, тој официјално ја прифатил.
Портпарол на војводата од Сасекс изјави дека медиумските информации оти Хари не ја прифатил понудата за сместување во кралска резиденција не се точни.
„Откако Комитетот RAVEC донесе одлука да не обезбеди државна безбедност за неговото семејство, принцот Хари минатата недела работеше на организирање алтернативни безбедносни мерки. Откако тие беа обезбедени, тој официјално ја прифати понудата за сместување во Бакингемската палата“, соопшти неговиот тим.
Од канцеларијата на Хари додаваат дека се разочарани што поканата потоа била повлечена.
„Не е јасно зошто, откако формално ја прифати понудата, таа беше повлечена во последен момент“, наведуваат тие, додавајќи дека Бакингемската палата уште од минатата недела знаела кога ќе биде објавена судската пресуда во случајот што Хари го води против издавачите на „Daily Mail“ и „Mail on Sunday“.
Од друга страна, според информации на BBC, тимот на принцот првично не потврдил дали ќе ја прифати понудата за престој и во саботата официјално ја одбил. Подоцна истиот ден, наводно, ја променил одлуката и ја прифатил понудата, но од Бакингемската палата им било соопштено дека веќе е предоцна да се организира неговото сместување.
Британските медиуми наведуваат дека Палатата била загрижена дека исходот од судскиот процес би можел да го стави кралот Чарлс III во незгодна уставна позиција, бидејќи предметот се однесува на медиуми кои долго време известуваат за кралското семејство.
Посетата на принцот Хари на Лондон треба да започне оваа недела, каде ќе учествува во промоцијата на наредните „Invictus Games“, кои следната година ќе се одржат во Бирмингем, како и на повеќе хуманитарни настани.
Според странските медиуми, Хари првично планирал во Велика Британија да отпатува со сопругата Меган Маркл и нивните две деца – принцот Арчи и принцезата Лилибет. Сепак, поради тоа што семејството повеќе нема право на безбедност финансирана од британските даночни обврзници, тие се откажале од таа идеја.
Децата на Хари и Меган последен пат ја посетиле Велика Британија во 2022 година, а војводата од Сасекс и понатаму инсистира дека без соодветно обезбедување не може безбедно да го донесе своето семејство во татковината.






