Унгарија би можела да го смени претседателот веќе следната недела

Унгарија би можела да го смени претседателот веќе следната недела

пред 2 часа

Унгарскиот премиер Петер Маѓар покрена постапка за смена на претседателот на државата Тамаш Шујок со поднесување уставен амандман, а гласањето би можело да се одржи веќе следната недела.

Партијата Тиса на Маѓар, која од април има двотретинско мнозинство во парламентот, предложи измена на Уставот со која мандатот на актуелниот претседател би престанал со стапувањето во сила на амандманот.

Маѓар, кој на изборите во април ја прекина 16-годишната власт на Виктор Орбан, повеќепати повикуваше на смена на Шујок, кого го нарекува „марионета на Орбан“. Тој уште во предизборната кампања вети дека ќе го смени претседателот, тврдејќи дека не ги исполнувал своите уставни должности.

Со предложените уставни измени би биле сменети и четворица уставни судии со утврдување на старосната граница за пензионирање на 70 години, а мандатот на пратениците во парламентот би бил ограничен на 12 години.

Шујок порача дека нема намера да поднесе оставка и потегот на Маѓар го оцени како закана за демократијата.

Поранешната владејачка партија Фидес тврди дека смената на претседателот би го отворила патот кон тиранија и повика на протести во четврток во знак на поддршка на Шујок.

„Партијата Тиса ги преминува сите граници – човечки, морални и правни. Унгарските гласачи не дадоа одобрение за тоа“, изјави Орбан.

Европската комисија соопшти дека го следи процесот на уставни измени во Унгарија, додека заклучоците на Венецијанската комисија, чија делегација минатата недела ја посети земјата, сè уште не се објавени.

Текстот Унгарија би можела да го смени претседателот веќе следната недела е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top