Рдарството денес функционира според сосема поинакви стандарди од оние што јавноста најчесто ги поврзува со индустријата. Тоа го истакнува универзитетскиот професор Благој Голомеов, коментирајќи ги технологиите предвидени за идниот рудник за бакар „Иловица“.
„Современите технологии овозможуваат целосно безбедна работа на рудниците.“
Професорот смета дека проектите треба да се разгледуваат врз основа на научни факти и технички решенија, особено ако се земе предвид дека бакарот е меѓу критичните минерали од стратешко значење за Европската Унија.
„Овој процес на флотирање на бакарните минерали, бидејќи е мономинерален… само халкопиритот и бакарните минерали… е прилично бенигнен. Односно, се употребуваат само ксантати, пенливци и регулатори, вар за регулирање на средината… Така што, 90% од нив и повеќе се извлекуваат само со концентратите, кои дури потоа одат на топење и се добива чист бакар. Зборот ми е дека постои технологија која може да биде сосема безбедна за примена“, истакна Голомеов.
Професорот се осврна и на економските придобивки на овој проект. Според него, со блокадата на инвестицијата државата губи големи приливи, бидејќи европскиот пазар задоволува едвај 20% од сопствените потреби за бакар и бара нови извори за да ја оствари енергетската и зелена транзиција.
„Преку издвојувањата за сите оние плаќања, особено платите на вработените, преку ангажирањето на надворешни фирми, економскиот ефект е прилично голем и прилично големо влијание има врз бруто-домашниот производ. Значително влијание има врз бруто-домашниот производ. Се проценува дека десетина проценти ќе има влијание врз бруто-домашниот производ, што воопшто не е за занемарување“, додаде Голомеов во изјава за ТВ Сител.
Претходно и инвеститорот во рудникот го ревидираше проектот, поради најновите технологии и забелешките кои беа упатени од страна на дел од активистите. Компанијата „Еуромакс ресоурцес“ упати и писмо до институциите во кое наведе дека нема да се користи цијанид, ниту било каква цијанидна супстанца во постапката за експлоатација. Понатаму, отпадна и дел од проектот кој предвидуваше хидројаловиште, туку се планира „суво јаловиште за одложување на јаловината со најсовремени технологии кое нема да ги загрозува подземните води“..
Покрај Голомеов, неодамна и металургот Горан Начевски во однос на критиките кон новите инвестиции истакна дека дебатата мора да се одвива врз основа на научни факти, а дискусијата во јавноста најчесто ја водат лица кои не се од фелата, што создава простор за недоразбирања и поларизација. Начевски во интервју за А1он, прашан конкретно за инвестицијата во Иловица, одговори дека таа претставува една од најголемите потенцијални рударски инвестиции во Македонија во последните децении.
„Доколку инвеститорот вложи во најсовремени технологии за заштита, проектот може да биде во функција на економијата без да ја загрози животната средина“, потенцира Начевски.
Професорот заклучува дека со статус-кво состојбата во рударството Македонија губи повеќе отколку што добива, односно се губат потенцијални инвестиции, нови работни места и можност за позиционирање како регионален снабдувач на критични минерали. Во исто време, како што додава, државата останува надвор од глобалните синџири на снабдување, што ја намалува економската и стратешката тежина на Македонија.






