Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, остро го осуди синоќешниот вандалски чин на симнување и палење на знамето на Општина Прилеп, оценувајќи дека станува збор за напад врз симболите, достоинството и вредностите на градот.
Во својата реакција, Проданоски истакна дека знамето на Општината претставува симбол на историјата, достоинството и единството на сите прилепчани и дека секој напад врз него е напад врз заедницата.
Тој нагласи дека е особено загрижувачки што, според информациите, сторителот е странски државјанин, кој, како што посочи, е должен да ги почитува законите, симболите и достоинството на средината во која престојува.
Проданоски упати благодарност до припадниците на Министерството за внатрешни работи за, како што наведе, брзата и ефикасна реакција, при што сторителот бил приведен.
Воедно, градоначалникот апелираше до граѓаните да продолжат да ги почитуваат и чуваат симболите на Прилеп и да не дозволат поединечни неодговорни постапки да го нарушат мирот, меѓусебната почит и достоинството на градот.
„Прилеп останува град на достоинствени, чесни и одговорни луѓе, кои знаат да ги штитат своите вредности“, порача Проданоски.






