(ВИДЕО) Историја на Мундијалите: Светското првенство за прв пат доби спектакл на полувремето со најголемите музички ѕвезди

(ВИДЕО) Историја на Мундијалите: Светското првенство за прв пат доби спектакл на полувремето со најголемите музички ѕвезди

пред 23 часа

Финалето на Светското првенство во фудбал 2026 година донесе историски момент, не само поради борбата за шампионската титула меѓу Шпанија и Аргентина, туку и поради првото големо музичко шоу на полувремето, организирано по примерот на спектаклот што традиционално се одржува за време на финалето на американскиот Супербоул.

На специјално поставената сцена на стадионот во Њу Џерси настапија некои од најголемите светски музички имиња, меѓу кои Мадона, Шакира, Џастин Бибер, јужнокорејската група BTS и нигериската ѕвезда Burna Boy.

Историски настап долг 11 минути

ВИДЕО ОД ШОУТО 

Првата официјална програма на полувремето во историјата на Светските првенства траеше околу 11 минути, но поради поставувањето и демонтирањето на сцената паузата беше продолжена од вообичаените 15 на околу 27 минути.

За креативниот концепт на спектаклот беше задолжен фронтменот на Coldplay, Крис Мартин.

Шоуто го отвори Мадона со хитот „Music“, а на сцената пристигна во возило управувано од бразилските фудбалски легенди Роналдо и Роналдињо.

Потоа следуваше необична изведба на „Seven Nation Army“, која ја изведоа диригентот Густаво Дудамел, оркестарот и членовите на Electric Mayhem од „The Muppets“.

Публиката ја крена на нозе и настапот на BTS со нивниот светски хит „Dynamite“, додека Џастин Бибер внесе помирна атмосфера со акустична изведба на песната „Everything Hallelujah“. Неговото појавување го најавија актерите од популарната серија „Ted Lasso“.

Шакира и Burna Boy ја изведоа официјалната химна на Мундијалот

Еден од највпечатливите моменти беше заедничкиот настап на Шакира и Burna Boy, кои ја изведоа официјалната песна на Светското првенство „Dai Dai“.

Шакира повторно се најде во центарот на вниманието на Мундијалот, откако нејзината „Waka Waka“ остана запаметена како една од најпознатите химни на Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година.

Во завршницата на програмата на сцената им се придружија Крис Мартин, детскиот хор PS22, како и ликовите од „Sesame Street“ и „The Muppets“, а спектаклот заврши со големиот натпис „LOVE“ и визуелна проекција на планетата Земја.

Продолжената пауза предизвика поделени реакции

Иако големиот концерт беше позитивно прифатен од многу гледачи, одлуката на ФИФА да ја продолжи паузата од 15 на околу 27 минути предизвика и критики.

Дел од навивачите оценија дека толку долг прекин може негативно да влијае врз ритамот на натпреварот и концентрацијата на фудбалерите.

Од ФИФА уште пред финалето најавија дека продолжената пауза е неопходна поради сложената сценографија и големиот број учесници, а правилата дозволувале натпреварот да биде привремено прекинат за сцената безбедно да се постави и отстрани.

Ново поглавје во историјата на Светските првенства

Иако и претходно имаше забавни програми пред финалните натпревари, ова беше првпат во историјата концерт да се одржи за време на полувремето од финалето на Светското првенство.

Со тоа ФИФА воведе концепт по примерот на Супербоулот, каде што шоуто на полувремето со години претставува еден од најгледаните музички настани во светот.

Освен забавниот карактер, програмата имаше и хуманитарна цел. Таа беше реализирана во соработка со Фондот на ФИФА и организацијата „Глобален граѓанин“, со цел поддршка на проекти за подобрување на образованието и пристапот до спорт за децата ширум светот.

По завршувањето на спектаклот следуваше драматичното финале, во кое Шпанија ја совлада Аргентина со 1:0 по продолженијата и по вторпат во својата историја ја освои титулата светски шампион.

Share
Scroll to Top