Втора надзорна расправа за заштита од семејно насилство: потребен е систем кој се прилагодува на жртвата, а не жртвата на системот

Втора надзорна расправа за заштита од семејно насилство: потребен е систем кој се прилагодува на жртвата, а не жртвата на системот

пред 22 часа

Собраниската комисија за еднакви можности на жените и мажите го одржа второто продолжение на надзорната расправа на тема: „Спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација, предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт.“

Искази дадоа сведоците: Верица Делева, координатор на социјални услуги на Град Скопје, Ленче Илиевска, в.д. директор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа – Крива Паланка, Наташа Котева, в.д. директор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа – Струмица, и Данче Коцевска, в.д. директор на ЈУ Центар за социјална работа – Валандово.

Верица Делева се осврна на практичната примена на законите за спречување на семејното насилство. Таа нагласи дека секој предмет бара индивидуален пристап, процена на ризикот и навремено постапување, а како најголеми предизвици ги посочи зголемениот број случаи на семејно насилство и недостигот од стручни кадри за навремено и ефикасно постапување.

Потребата од интегриран пристап – систем кој ќе се прилагодува на жртвата, а не жртвата на системот – беше во фокусот на излагањето на Ленче Илиевска. Таа истакна дека се неопходни поголема меѓуинституционална координација, развој на сервисните услуги, обезбедување сместување за жртвите, како и континуирана и долгорочна поддршка. Дополнително, посочи дека е потребно вистинско јакнење на институциите и активности за подигнување на јавната свест.

На потребата од поефикасна соработка меѓу институциите се осврна и Наташа Котева, која истакна дека брзата размена на информации е клучна за навремена проценка на случаите. Според неа, за целосна примена на Законот неопходни се повеќе ресурси, засолништа, кризни центри, центри за рехабилитација и дополнителни сервиси за поддршка на жртвите.

Конкретни препораки за законски измени и унапредување на системот изнесе Данче Коцевска. Таа предложи воведување електронски системи за следење на предметите, модел за итно постапување надвор од работното време, регионални центри со обучен кадар, бесплатна правна и здравствена помош, како и подобри услови за згрижување и реинтеграција на жртвите и нивните деца.

 

Текстот Втора надзорна расправа за заштита од семејно насилство: потребен е систем кој се прилагодува на жртвата, а не жртвата на системот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top