Новиот министер за правда на средба со претседателката на Основниот кривичен суд Скопје

Новиот министер за правда на средба со претседателката на Основниот кривичен суд Скопје

пред 22 часа

Министерот за правда, Јетон Шасивари, и заменик на министерот за правда, Ален Деребан остварија работна средба со претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, како и со судиите-поротници, на која се разговараше за нивните барања и предизвиците со кои се соочуваат во вршењето на својата функција, со посебен акцент на висината на надоместоците.

На средбата беше истакнато дека судиите-поротници имаат значајна улога во судскиот систем, обезбедувајќи активно учество на граѓаните во вршењето на судската власт и придонесувајќи за транспарентност, правичност и зајакнување на довербата во судството.

Министерот за правда беше информиран дека во јуни 2026 година Судскиот совет доставил барање за измена на Правилникот за надоместоците на судиите-поротници од 2018 година, со кое се предлага зголемување на висината на надоместоците.

Во разговорите беше нагласено дека судовите се соочуваат со недостиг на судии-поротници, што претставува сериозен предизвик за непречено функционирање на судечките совети и навремено постапување по предметите.

„Министерството за правда ќе ги разгледа доставените предлози и останува посветено на изнаоѓање одржливи решенија што ќе овозможат ефикасно функционирање на судскиот систем, со соодветно вреднување на улогата и придонесот на судиите-поротници во остварувањето на правдата и владеењето на правото“, се наведува во соопштението до медиумите по средбата.

Текстот Новиот министер за правда на средба со претседателката на Основниот кривичен суд Скопје е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top