Ѕвездата од „Game of Thrones“ Лина Хиди проговори за контроверзната гола сцена: „Не можев да го одиграм тоа пред 3.000 луѓе“

Ѕвездата од „Game of Thrones“ Лина Хиди проговори за контроверзната гола сцена: „Не можев да го одиграм тоа пред 3.000 луѓе“

пред 5 часа

Повеќе од десет години по една од најконтроверзните сцени во телевизиската историја, актерката Лина Хиди конечно откри зошто не ја снимила сама познатата сцена на „Патот на покајанието“ („Walk of Atonement“) во серијата „Game of Thrones“.

Во интервју за британски „The Telegraph“, Хиди призна дека и денес е изненадена од реакциите на дел од публиката, која ја критикувала затоа што користела дублерка за голите сцени.

„Навистина бев шокирана од гневот и од идејата дека сум ја измамила публиката“, изјави актерката.

Таа објасни дека во тој период актерската екипа веќе била светски позната, а снимањето на сцената се одвивало пред околу 3.000 статисти, што дополнително ја отежнувало ситуацијата.

„Во тој момент сите веќе нè познаваа. Беше невозможно да се оди каде било незабележано, а јас снимав со околу 3.000 статисти“, рече Хиди.

„Немаше да можам емотивно да ја одиграм сцената“

Актерката истакна дека за неа актерството е пред сè емоционален процес и дека доколку истовремено морала да размислува за тоа што е гола пред илјадници луѓе, немало да може да ја долови психолошката состојба на ликот.

„Немаше да можам да го направам емотивниот дел од работата. Ќе бев во постојана одбранбена состојба“, објасни таа.

Имала искуство и знаела да постави граници

Хиди вели дека во тој период веќе имала доволно актерско искуство за да знае како да постави лични граници, нешто што, според неа, многу млади актерки тешко го прават.

„До тогаш веќе имав поминато низ многу работи. Знаев да се заштитам. Не велам дека другите актерки не можеле, но тие беа многу помлади, поранливи и со многу помалку искуство пред камера“, изјави таа.

„Не сум против голотија“

Хиди нагласи дека никогаш не била против снимање голи сцени, но дека конкретната ситуација била поинаква.

Во интервју за „Entertainment Weekly“ уште во 2016 година откри дека дел од гледачите сметале дека е „помалку актерка“ затоа што не ја снимила голата сцена сама.

„Сум снимала голи сцени. Немам ништо против тоа. Но, јас сум многу емотивна актерка и целосно се внесувам во улогата. Да бев гола три дена додека ја снимав таа сцена, ќе бев лута. Не сакав да бидам лута, а мислам дека Серсеи не беше лута. Сакав да ја одиграм онака како што сметав дека таа емотивно би реагирала“, објасни Хиди.

Таа ја пофали својата дублерка Ребека Ван Клив, која ги снимила голите сцени, нагласувајќи дека тоа било исклучително тешка задача.

„Не избегав од сцената. Бев таму три дена заедно со Ребека“, истакна актерката.

Притисокот врз младите актерки

Лина Хиди смета дека контроверзијата околу оваа сцена отвора многу пошироко прашање за третманот на младите актерки во филмската индустрија.

Според неа, во минатото речиси секоја млада актерка морала да помине низ улоги што подразбирале романтични сцени, секс и разголување.

„Тоа беше некаква иницијација за младите актерки. Ги нарекуваа ‘инжену’ улоги, само за да звучи поубаво“, рече таа.

Хиди призна дека на почетокот од кариерата ретко ги преиспитувала таквите барања бидејќи едноставно била благодарна што добива работа.

„Не одев во драмско училиште. Кога ќе добиев улога, си велев: ‘Боже, имам работа’. Никогаш не се прашував дали сум доволно заштитена. Наместо тоа, ќе си дојдев дома и ќе плачев или ќе си помислев: ‘Ова беше чудно’. Денес кога ќе се навратам, сфаќам дека било навистина тешко“, призна актерката.

„#MeToo покажа колку бил распространет проблемот“

Таа смета дека движењето #MeToo открило колку ваквите искуства биле чести во филмската индустрија.

„Чудно е колку долго им обезбедувавме заштита на луѓе кои ја злоупотребуваа својата моќ, додека младите актерки мораа да молчат затоа што им требаше работа. Доволен е еден човек за целосно да ви го уништи искуството на снимање“, рече Хиди.

Според неа, денешните генерации актерки се многу похрабри и многу полесно одбиваат ситуации во кои се чувствуваат непријатно.

„Денес ставот е: ‘Јас тоа нема да го направам’“, порача Лина Хиди.

Share
Scroll to Top