ЈКП „Водовод“ – Битола: Над 16.600 анализи за три години, водата е безбедна и квалитетна за пиење

ЈКП „Водовод“ – Битола: Над 16.600 анализи за три години, водата е безбедна и квалитетна за пиење

пред 5 часа

ЈКП „Водовод“ – Битола информира дека континуирано спроведува контрола на водата што се испорачува до жителите на Битола и населените места опфатени со водоснабдителниот систем, со цел обезбедување сигурна, безбедна и квалитетна вода за пиење.

Од претпријатието посочуваат дека преработката на водата се врши во Филтерската станица Дихово, каде Одделението за санитарна контрола и третман на вода за пиење спроведува 24-часовен мониторинг на целиот процес на третман, како и на квалитетот на водата.

Во периодот од 2023 до 2025 година биле извршени вкупно 16.622 лабораториски анализи. Од нив, 8.786 биле физичко-хемиски, додека 7.836 биле микробиолошки анализи.

Според податоците на ЈКП „Водовод“, тоа значи дека во просек се спроведувале повеќе од 5.400 анализи годишно, односно околу 15 анализи секој ден.

Контролата не се спроведува само на едно место. Примероци се земаат од суровата вода, од финалната вода во Филтерската станица Дихово, како и од повеќе контролни пунктови распоредени низ целата дистрибутивна мрежа.

Дополнителни лабораториски анализи се вршат и во специфични ситуации, како при дефекти на водоводната мрежа, при пуштање во употреба на нови водоводни линии, но и по пријави добиени од корисниците.

Покрај интерните проверки што ги спроведува претпријатието, квалитетот на водата редовно е предмет на контрола и од надворешни овластени и акредитирани лаборатории.

Од ЈКП „Водовод“ – Битола нагласуваат дека испитувањата и контролата се спроведуваат во согласност со важечките прописи, односно со барањата утврдени во Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, објавен во „Службен весник на РМ“ бр. 183/2018.

Според досега извршените анализи и расположливите извештаи, водата што преку системот на ЈКП „Водовод“ – Битола се испорачува до корисниците ги исполнува пропишаните барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Од претпријатието најавуваат дека и во следниот период ќе продолжат со континуирана контрола и унапредување на процесите во водоснабдувањето.

„ЈКП ‘Водовод’ – Битола продолжува со континуирана контрола и унапредување на процесите, со една основна цел – сигурна, безбедна и квалитетна вода за секој корисник“, порачуваат од претпријатието.

Share
Scroll to Top