Во Старата скопска чаршија денеска беше откриена спомен-плоча посветена на истакнатиот полски урбанист Адолф Циборовски, како знак на благодарност за неговиот придонес во зачувувањето на едно од најзначајните историски и културни обележја на Скопје.
Како што објави Изет Меџити, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога се планирала обновата и идниот развој на разрушениот град, Циборовски бил меѓу меѓународните експерти кои се залагале Старата чаршија да биде зачувана како нераскинлив дел од урбаниот идентитет на Скопје.
Во период кога постоеле пристапи кои предвидувале историското градско јадро да биде заменето со целосно модерни урбанистички решенија, полскиот урбанист ја застапувал идејата дека историското наследство мора да биде интегрирано во новата визија за Скопје.
„Плочата што ја поставивме денес е израз на благодарност за оваа визија и за неговиот придонес во зачувувањето на Старата чаршија, која и денес останува една од најважните историски, културни и идентитетски вредности на Скопје“, порача Меџити.
Спомен-плочата претставува потсетување на улогата што Циборовски ја имал во периодот на обновата на Скопје по земјотресот и на неговото залагање модернизацијата на градот да не значи губење на неговото историско наследство.






