Анкета на „Стратум Р&Д“: ВЛЕН води пред ДУИ кај албанските гласачи

Анкета на „Стратум Р&Д“: ВЛЕН води пред ДУИ кај албанските гласачи

пред 3 часа

Партијата ВЛЕН соопшти дека резултатите од ново истражување на јавното мислење покажуваат дека таа е најподдржувана политичка сила кај албанскиот електорат во Северна Македонија.

Според анкетата спроведена во јуни од Институтот за истражување „Стратум Р&Д“, на прашањето за која партија би гласале доколку денеска се одржат избори, 34 проценти од испитаниците одговориле дека би го поддржале ВЛЕН, додека 30 проценти се изјасниле за Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Од ВЛЕН велат дека ова е втора анкета во последните два месеци во која партијата се наоѓа пред ДУИ, оценувајќи дека граѓаните прават разлика меѓу, како што наведуваат, политика заснована на конкретни резултати и политика на пропаганда.

„Две години конкретна работа беа доволни за да се покаже дека Албанците повеќе не се убедуваат со празна реторика и дека довербата се гради со дела, а не со зборови“, наведуваат од ВЛЕН.

Од партијата како свои достигнувања ги посочуваат законските измени во повеќе области, услугите на граничните премини со Косово и Албанија, инвестициите во општините, поддршката за бизнисите и вработувањата, како и инфраструктурните проекти.

Меѓу проектите што ги наведува ВЛЕН се изградбата на Кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“, инвестицијата во плоштадот „Скендербег“, реконструкцијата на Клиничката болница во Тетово, автопатот Скопје–Блаце и проектите поврзани со Коридорот 8.

Од партијата упатија благодарност до граѓаните за поддршката и довербата, оценувајќи дека резултатите од анкетата се потврда за нивната политика.

Share
Scroll to Top