Поп-ѕвездата Аријана Гранде покрена судска постапка против двајца засега неидентификувани хакери, обвинувајќи ги дека нелегално упаднале во приватни дигитални сметки на нејзини блиски соработници и украле голема количина необјавен материјал.
Според судските документи до кои дошол „Page Six“, двајцата осомничени, наведени како „John Does“ (непознати лица), наводно хакирале лични сметки на музички продуценти и фотографи кои соработувале со Гранде, при што дошле до доверливи содржини што никогаш не биле наменети за јавноста.
Во тужбата се наведува дека хакерите незаконски прибавиле необјавени песни, аудиоснимки, видеоматеријали и приватни фотографии на пејачката, што нејзиниот правен тим го опишува како „злонамерен напад врз приватноста“.
Дополнително, се тврди дека украдените материјали биле продавани на таканаречениот „дарк веб“ за значителни суми пари.
Според документите, само во текот на 2023 година биле украдени и протечени дури 45 необјавени песни на Аријана Гранде. Во тужбата се наведува и дека од почетокот на нејзината музичка кариера во 2011 година досега се регистрирани стотици случаи на протекување на нејзини необјавени материјали.
Последниот наводен хакерски напад, според тужбата, се случил во 2024 година.
Покрај барањето за надомест на штета, правниот тим на Гранде бара судот да овозможи откривање на идентитетот на лицата што стојат зад нападите.
Извор близок до пејачката за списанието „People“ изјавил дека целта на тужбата не е само да се заштитат нејзините права, туку и да се испрати силна порака до сите кои се обидуваат да крадат и нелегално да дистрибуираат креативни содржини.
„Оваа тужба треба да биде предупредување за идни вакви дела, не само кога станува збор за Аријана, туку и за многу други уметници кои биле жртви на нарушување на приватноста и кражба на нивната креативна работа“, изјавил изворот.
Тој додал дека секој уметник има право сам да одлучи кога и на кој начин неговото дело ќе биде претставено пред јавноста, а незаконското присвојување и ширење на креативни материјали претставува сериозно нарушување на тие права.
Во меѓувреме, Аријана Гранде е на голема концертна турнеја по повод својот седми студиски албум „Eternal Sunshine“. Турнејата започна на 6 јуни во Оукленд, Калифорнија, а опфаќа настапи низ САД, Канада и Велика Британија. Финалниот концерт е закажан за 1 септември во лондонската „O2 Arena“.






