Само неколку дена откако Гостивар беше ставен пред ризик од хепатит А, жолтица и други заразни заболувања поради фекално загадената вода, ДПМНЕ објави соопштение во кое се пофали со „историски“ капитални инвестиции во водоснабдување, канализација и пречистителни станици. Во нивното соопштение нема ниту збор за тоа како држава што тврди дека инвестира стотици милиони евра во водната инфраструктура дозволи илјадници граѓани со недели да користат вода загадена со фекални бактерии, велат од Левица.
Според оваа партија, најголемиот апсурд е што токму во Гостивар беше реализиран проект за модернизација на водоснабдителниот систем вреден седум милиони евра, финансиран со швајцарски и германски средства.
„Донаторите соопштија дека проектот е успешно завршен и предаден на ЈП „Комуналец“. Во јавноста, пак, се појавија сериозни тврдења дека значителен дел од системот никогаш не бил ставен во целосна функција и дека дел од опремата не се користи. Истовремено, ЈП „Комуналец“ тврди дека проектот е реализиран 98 проценти.
Наместо Владата веднаш да отвори независна техничка и финансиска ревизија, таа повторно избра да брои милиони евра. Тоа е суштината на политиката на ДПМНЕ. Колку повеќе милиони се потрошени, толку поголем е успехот во владините соопштенија, без разлика дали проектот ја исполнил својата намена.
Во Македонија никој не одговара за тоа што произвеле капиталните инвестиции. Не постои анализа дали ги испорачале ветените резултати. Не постои политичка одговорност кога ќе потфрлат. Единственото што Владата секогаш може да го каже е колку чинел проектот. Лентите се сечат, прес-конференциите се одржуваат, милионите се објавуваат, но никој не проверува дали инфраструктурата навистина ја врши функцијата за која граѓаните или донаторите платиле“.
Државата, додаваат од оваа партија, знае колку чинел секој проект, но не знае – или не сака да покаже – што добиле граѓаните за тие пари.
„Се мерат потрошените милиони, а не јавната корист. Се бројат склучените договори, а не функционалните системи“.
Левица бара итна независна техничка и финансиска ревизија на проектот за водоснабдување во Гостивар, целосно објавување на проектната документација и утврдување одговорност доколку се покаже дека јавните средства не го дале резултатот за кој биле наменети.
„Ако проект вреден седум милиони евра не може да се утврди дали ја исполнил својата основна цел, тогаш секое ново владино фалење со „историски капитални инвестиции“ е обид да се скријат, а не да се решат, последиците од ваквиот модел на владеење“.
Текстот Додека ДПМНЕ се фали со „историски“ капитални инвестиции, Гостивар го разоткри колапсот на нивното управување, велат од Левица е превземен од МАКФАКС.




