Кога кон крајот на 2020 година Тајлер Булдин и неговата сопруга Лорен на аукција купиле напуштена камена куќа изградена во 1830 година во местото Пајн Гроув, американската сојузна држава Пенсилванија, знаеле дека ги очекува долга и скапа реконструкција. Но, не ни претпоставувале дека покрај градежните работи ќе мора секојдневно да се справуваат и со неочекуван проблем – голем број змии кои со години целосно го презеле нивниот имот.
Семејството било привлечено од богатата историја на куќата, вековните дрвја, потокот што минува низ имотот и шумата која е под државна заштита. Иако биле свесни дека обновата ќе биде сложена, не сакале да ја пропуштат можноста да го создадат домот за кој долго сонувале.
„Куќата со години била празна и тоа се гледаше на секој чекор. На приземјето немаше подови, големото скалило беше пред уривање, а кујната целосно исчезнала“, се присетува Тајлер Булдин.
Но, градежните проблеми биле само почеток.
Запуштениот имот станал идеално живеалиште за диви животни
Долгогодишната запуштеност овозможила природата речиси целосно да го преземе имотот. Густата шума, езерцето, обраснатиот двор и богатата вегетација создале совршени услови за размножување на глувци, зајаци и жаби, што, пак, привлекло и голем број змии.
Уште првиот ден по преземањето на куќата, семејството видело црна змија како се качува по огромен платан во потрага по јајца од диви патки. Набргу откриле дека на имотот живеат повеќе видови змии, меѓу кои и отровници.
„Отсекогаш сум имал голем страв од змии. Сето тоа беше навистина застрашувачко“, признал Тајлер.
Дополнителен страв поради малите деца
Во првите шест месеци од реконструкцијата семејството не можело да живее во главната куќа, па престојувале во помошен објект додека домот не станал безбеден.
Во тој период Лорен била бремена со нивното второ дете, додека нивниот постар син бил уште многу мал.
„Секогаш кога излегувавме надвор бевме исклучително внимателни. Постојано внимававме синот и кучето да не се приближат до обраснатите делови од имотот“, раскажува Тајлер.
На почетокот не ги бркале црните змии
Откако дознале дека црните змии помагаат во намалувањето на бројот на глодари и често спречуваат населување на отровните бакарноглави змии, семејството одлучило да не ги вознемирува.
„Луѓето постојано ни велеа да не ги бркаме затоа што се корисни. И ние така размислувавме. Но проблемот беше што стануваа навистина огромни. Една беше долга повеќе од два метра“, раскажал Тајлер.
Сè се сменило кога откриле каде се кријат
Подоцна сфатиле дека црните змии ги користат истите скривалишта како и отровните. Ги пронаоѓале околу напуштен базен, но и под камења веднаш до влезот на куќата.
„Тогаш сфатив дека не нè штитат како што мислевме. Затоа почнавме почесто да ги отстрануваме од околината на куќата“, објаснил тој.
Наместо да ги убиваат, го промениле целиот имот
Семејството не сакало да ги уништува животните, туку одлучило да ги промени условите што ги привлекувале.
За време на реконструкцијата ги отстраниле можните скривалишта, го намалиле бројот на глодари и го направиле имотот побезбеден.
Ги расчистиле тревниците, камените ѕидови, градините и шумските делови, го отстраниле отпадот и густата вегетација, го затрупале стариот базен, го обновиле езерцето и поставиле филтри и фонтани. Дополнително ги затвориле сите отвори на куќата и шталата каде што можеле да се кријат глувци, а околу објектите засадиле нане, растение за кое се смета дека природно ги одбива змиите.
Ги враќале назад во природата
Кога ќе забележел змија во близина на куќата, Тајлер никогаш не ја убивал.
„Со специјална фаќалка долга речиси два метра внимателно ја фаќав, ја ставав во кофа или вреќа и потоа ја носевме далеку од куќата за повторно да ја пуштиме во природата. Искрено, тоа беше навистина застрашувачко“, раскажува тој.
По повеќе од пет години конечно ги виделе резултатите
Денес, повеќе од пет години по купувањето на историскиот имот, семејството вели дека нивниот труд дал резултат.
Иако змиите сè уште живеат во шумите на Пенсилванија и повремено се појавуваат на нивниот имот, средбите станале значително поретки.
„Секоја година гледаме сè помалку змии. Сè уште ќе забележиме по некоја, но тоа е огромна разлика во споредба со почетокот, кога ги среќававме речиси секој ден“, вели Тајлер Булдин.
Според списанието „People“, искуството на ова семејство покажува дека со долгорочно уредување на околината и отстранување на условите што им одговараат на глодарите и змиите, може значително да се намали бројот на несакани средби со овие животни, без нивно уништување и со зачувување на природната рамнотежа.






