Грчкиот јогурт со години важи за една од најздравите намирници, а нутриционистите истакнуваат дека неговата секојдневна консумација може да има позитивно влијание врз варењето, цревната микрофлора и целокупното здравје.
Дигестивниот систем не ги вклучува само хранопроводот, тенкото и дебелото црево, туку и цревната микробиота – заедница од корисни микроорганизми кои му помагаат на организмот подобро да ги искористи хранливите материи од храната и да го одржи балансот во дигестивниот тракт.
Токму затоа, исхраната богата со намирници што ја поддржуваат рамнотежата на цревната флора може значително да придонесе за подобро здравје.
Зошто грчкиот јогурт е поразличен?
Регистрираната диететичарка Палома Вега за „Parade“ објаснува дека грчкиот јогурт поминува низ дополнителен процес на цедење, при што се отстранува најголемиот дел од течната сурутка.
Поради тоа, тој е погуст и покремаст од обичниот јогурт, а воедно содржи повеќе протеини, помалку јаглехидрати и нешто помалку калциум.
„И грчкиот и обичниот јогурт можат да бидат одличен избор. Кој е подобар зависи од индивидуалните потреби и начинот на исхрана“, вели Вега.
Различен е и вкусот
Диететичарката Елеана Каиданијан, сопственичка на „Long Island Nutritionist“, додава дека грчкиот јогурт има поизразен и покисел вкус.
„Грчкиот јогурт е покисел и има поинтензивен вкус, додека обичниот јогурт е понежен и поблаг. На некој начин, обичниот јогурт може да се смета за поразредена верзија на грчкиот“, објаснува таа.
Дали е безбедно да се јаде секој ден?
Според Каиданијан, за повеќето луѓе секојдневната консумација на грчки јогурт е сосема безбедна и може да биде одлична поддршка за здравјето на дигестивниот систем.
Една од неговите најголеми предности е тоа што претставува природен извор на пробиотици – живи микроорганизми кои помагаат во одржување на здрава цревна микрофлора.
Во грчкиот јогурт најчесто се наоѓаат корисни бактериски култури како Lactobacillus bulgaricus, Streptococcus thermophilus, Bifidobacteria и Lactobacillus acidophilus.
Корисните бактерии ги штитат цревата
Според експертите, редовната консумација на грчки јогурт го зголемува бројот на добри бактерии во дигестивниот систем.
„Кога секој ден јадете јогурт, ги изложувате цревата на корисни бактерии. Тие се натпреваруваат со штетните микроорганизми за простор и хранливи материи. Колку повеќе добри бактерии има, толку подобро се размножуваат и создаваат природна заштита од патогени“, објаснува Каиданијан.
Покрај позитивното влијание врз варењето, високата содржина на протеини придонесува и за подолго чувство на ситост, што го прави грчкиот јогурт добар избор за појадок, ужина или како дел од урамнотежена исхрана.
Нутриционистите заклучуваат дека грчкиот јогурт може да биде вреден дел од секојдневното мени, особено кај луѓето кои сакаат да ја подобрат дигестијата, да ја зачуваат рамнотежата на цревната микрофлора и да внесуваат поквалитетни протеини преку исхраната.






