Клиничката болница Битола доби нова современа опрема

Клиничката болница Битола доби нова современа опрема

пред 9 часа

Клиничката болница Битола влегува во силен инвестициски и модернизациски циклус. Во периодот од 2024 до 2026 година е набавена современа медицинска опрема во вредност од над 30,4 милиони денари, со која се заменуваат апарати стари повеќе од 20 години, за кои веќе не постоеше можност за сервисирање и техничка поддршка, соопшти Министерството за здравство.

Од таму велат дека особено значајна е замената на дигесторот на Одделението за патологија – апарат набавен пред околу 55 години, уште од формирањето на болницата.

Во рамки на модернизацијата се набавени електричен борер за ортопедија, апарат за операции на катаракта со фако-метода и ехо-апарат за Очното одделение. За потребите на урологијата се обезбедени сет за монополарна ресекција, додека за Интерното одделение се набавени нов колоноскоп и гастроскоп.

Болницата доби и апарат за оптичка кохерентна томографија, нов DEXA-апарат за физикална медицина и рехабилитација, како и робот и современо софтверско решение поврзани со ПАКС-системот. Со овие набавки, велат од Министерството, значително се унапредуваат дијагностичките и оперативните капацитети во повеќе болнички одделенија.

Истовремено, започната е постапка за набавка на опрема за ехо-водена биопсија на простата. Со тоа, оваа современа дијагностичка метода за првпат ќе биде воведена во Клиничката болница Битола, овозможувајќи им на пациентите од Битола и целиот регион побрза, попрецизна и подостапна дијагностика во матичната болница.

Покрај вложувањата во опрема, од јули 2024 година досега во болницата се реализирани и 61 вработување на неопределено време.

Текстот Клиничката болница Битола доби нова современа опрема е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top